Хју Грант не верува дека постои љубов во романтичните комедии

од Nikola Popovski

Британскиот актер Хју Грант, кој се прослави со улогите во романтичните комедии, изјави дека не верува во таква љубов и го постави прашањето дали големата љубов е само „добра голема лага“ на големото платно.

„Големото прашање е дали целата идеја дека мажот и жената се целосно неразделни, нешто што сите го бараат, е вистина или е тоа голема дебела лага“, рече Грант (62) во интервју во Париз пред премиерата на филмот „Dungeons & Dragons: Honor Among Thieves“.

Актерот истакнал дека чувствува дека таквата љубов можеби е лага, иако признал дека кариерата ја изградил глумејќи во романтични комедии.

Грант се запрашал и дали има среќни врски и додал дека би бил заинтересиран да прави продолженија на романтичните комедии во кои играл, бидејќи тие продолженија ќе бидат приказни со адвокати и за развод.

Актерот признал дека бил пононшалантен и дека требало да биде поамбициозен на почетокот на кариерата.

„Искрено, мислам дека бев премногу ноншалантен. Можев да се обидам многу повеќе бидејќи бев успешен. Можев да снимам кој било филм што сакам, но навистина, сакав само да гледам фудбал“, рекол Грант.

Британскиот актер додал дека во последно време претпочита да игра помрачни улоги, наведувајќи дека сега е „престар и грд за да биде херој“.

На крајот од интервјуто за францускиот печат, Грант бил замолен да даде совет.

„Обидете се да одржите малку мистерија и немојте да имате профил на Инстаграм“, порачал актерот, кој се прослави во „Нотинг Хил“ со Џулија Робертс и „Четири свадби и погреб“.

Слични содржини