Хрватски аналитичар за „Локално“: Шведска и Финска имаат право на влез во НАТО, Милановиќ не може да стави вето

од Nikola Popovski

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ најави дека неговата земја може да стави вето на приемот на Шведска и Финска во НАТО доколку западните земји или високиот претставник во БиХ не го натераат официјално Сараево да ја прифати промената на изборниот закон во таа земја. „Ако тоа не го добиеме до крајот на годината, додаде тој, ќе направам се за да го блокирам приемот на Шведска и Финска во НАТО во хрватскиот Сабор“, изјави Милановиќ. Тој нагласи дека нема ништо против Финска и Шведска, туку единствена цел му е да ги заштити интересите на Хрватите во БиХ.

За тоа како може да се сфати ваквата изјава на Милановиќ, „Локално“ го контактираше хрватскиот новинар и политички аналитичар Борис Павелиќ. Според него, оваа изјава е радикализација на досегашните нетактизирани надворешнополитички изјави на хрватскиот претседател кои предизвикуваат недоверба кај западните сојузници.

-Потсетувам дека во ноември минатата година изјави дека епидемиолошките мерки против Ковид во Австрија „го потсетуваат на фашизмот“, што не остана незабележано во Австрија. Изјавата што ја цитиравте е една од неколкуте негови изјави за украинската криза кои отстапуваат од хрватската и европската надворешна политика, а одат рака под рака со Русија. Напротив, оваа изјава звучи како уцена, и нема да има конкретен ефект, бидејќи претседателот на Републиката не може да спречи парламентарна ратификација на прием на една земја во НАТО. Добро е што Милановиќ пред извесно време јавно се солидаризираше со Северна Македонија во спорот со Бугарија, но за жал оваа изјава не е од корист за Хрватска, Шведска, Финска, НАТО или ЕУ, одговори Павелиќ.

На прашањето кои се вистинските намери на Милановиќ за ваквиот поглед, аналитичарот смета дека можно е да се добри.

– Можеби искрено сака да ја стабилизира ситуацијата во БиХ, па смета дека тоа може да се постигне со промена на Изборниот законик. Зачудувачки е, сепак, острата и кавгаџиска реторика со која тоа го бара, што само по себе ги поништува неговите добри намери, доколку ги има. Исто така, тешко е да се разбере како Милановиќ не го разбира поширокиот контекст на неговото барање, што е сосема несоодветно во сегашните околности на војната во Украина и треба да се остави за помирни и постабилни времиња, оценува Павелиќ.

Според него, факт е дека Русија би го видела приемот на Шведска и Финска во НАТО како провокација и дополнителна причина за непријателство кон Западот, а можеби дури и за проширување на војната.

-Повторувам, можеби намерите на Милановиќ не се лоши, но проблемот е во начинот на кој ги формулира и кажува, дециден е Павелиќ.

Аналитичарот смета дека односите меѓу Хрватска и Шведска и Финска се веќе влошени.

-Зоран Милановиќ не е кој било, туку претседател на Републиката, кој според Уставот ја кокреира надворешната политика на државата. Хрватскиот министер за надворешни работи Горан Грлиќ Радман во средата изјави дека хрватските дипломати „се срамат“ поради изјавите на Милановиќ, на што Милановиќ пред камерите го нарече министерот „румен селски кретен“. Ова не е политика, туку бесмислена навреда, коментира Павелиќ.

Хрватскиот аналитичар речиси го повтори ставот на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг дека двете скандинавски земји имаат голема шанса за влез.

-Во контекст на руската војна против Украина, не се сомневам дека сојузниците на НАТО, вклучително и Хрватска, брзо би го одобриле влезот на Шведска и Финска. Вистинското прашање е како Русија би реагирала. Во тој поглед, предупредувањата на Зоран Милановиќ за „прободување на бесната мечка во око“ не мора да бидат неосновани. Но, Шведска и Финска, како и Украина имаат право сами да одлучуваат за својата судбина и никој нема право да ги спречува и уценува, па ни хрватскиот претседател, со неговите сомнителни барања до соседната земја, заклучува Павелиќ.

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман изјави дека Хрватска го поддржува потенцијалното членство на Финска и Шведска во НАТО, оценувајќи дека тоа ќе ја зајакне безбедноста и одбраната на Хрватска.

По разговорите со неговиот унгарски колега Петер Сијартo, Грлиќ Радман за новинарите на аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб изјави дека сите членки на НАТО имаат таков став.

Шефот на хрватската дипломатија рече дека му се јавиле колегите од Шведска и Финска и им кажал дека ја поддржува нивната идна апликација како важен придонес за безбедноста на трансатлантскиот простор.

Н.П.

 

Слични содржини