Интервју со Зајкова: Во ЛДП нема место за луѓе кои што сакаат да се богатат на грбот на државата

од Nikola Popovski

Целта ни е да бидеме повеќе меѓу граѓаните и преку отворен и транспарентен пат да ги запознаеме со нашите либерални политики. Исто така ќе следува и Програмски конгрес каде што ќе ја објавиме нашата програма, оние либерални иницијативи кои граѓаните ќе можат да ги препознаат, вели во интервју за „Локално“, новата лидерка на ЛДП и актуелна пратеничка Моника Зајкова во однос на идните приоритети на партијата.

На прашањето дали ЛДП ќе учествува самостојно на евентуални предвремени избори, Зајкова вели дека партиските тела и органи се оние кои што ќе донесат одлука дали нејзината партија ќе настапи самостојно или ќе коалицира во одредена коалиција.

-Во ЛДП нема место само за луѓе кои што сакаат да се богатат на грбот на државата. За сите останати кои што сакаат заедно да го трасираме европскиот пат и да направиме европска и прогресивна Македонија – портите на ЛДП се отворени, порачува Зајкова за тоа кон кое гласачко тело ќе целат во иднина како ново раководство на партија.

Кои се вашите први задачи како нова претседателка на ЛДП? Што е приоритет?

-Првичен приоритет е воспоставување интерна комуникација во партијата. Ќе имаме стратешко планирање на партијата каде што ќе ги дефинираме идните правци на делување. Јас најавив проширување на организациската структура на ниво на цела државна територија и зачестено медиумско претставување на оние политики кои што го допираат човекот во секојдневието. Целта ни е да бидеме повеќе меѓу граѓаните и преку отворен и транспарентен пат да ги запознаеме со нашите либерални политики. Исто така ќе следува и Програмски конгрес каде што ќе ја објавиме нашата програма, оние либерални иницијативи кои граѓаните ќе можат да ги препознаат.

Немавте противкандидат на вчерашните избори, иако во партијата има доста искусни политичари? Зошто беше тоа случај?

-Организацискиот одбор донесе одлука, согласно статутот на ЛДП и одреди рок за кандидирање, односно самокандидирање. До 9-ти ноември годинава, освен мојата, други кандидатури не пристигнаа. Лична оценка е на секој член дали ќе се кандидира или нема да се кандидира во трката за претседател. Нормално е дека имаме искусни, вредни, чесни и работливи кадри и сите заедно и обединето ја составуваме новата приказна за похрабри и погласно да ги презентираме нашите политики.

На кое гласачко тело целат ЛДП и Моника Зајкова?

-На сите оние прогресивни граѓани кои ќе ја препознаат нашата искрена намера, да обезбедиме попогресивна и напредна држава, без оглед на пол, вера, сексуална ориентација, нација, политичка ориентација. Во ЛДП нема место само за луѓе кои што сакаат да се богатат на грбот на државата. За сите останати кои што сакаат заедно да го трасираме европскиот пат и да направиме европска и прогресивна Македонија – портите на ЛДП се отворени.

СДСМ во изминатиов период ја обиколува државата и одржува трибини, иако оттаму во повеќе наврати наведоа дека не се подготвуваат за избори. Во јавноста, пак, се почесто се зборува за предвремени избори на пролет. Доколку тоа е случај, дали ќе излезете самостојно на предвремените?

-Јас не гледам дека во моментов има клима за предвремени избори. Кризите се менаџираат и не знам на кому би му биле потребни избори кога во време на криза, дополнително да трошиме буџетски средства за организација на изборите. Доколку се процени состојбата дека одиме понатаму кон организирање на избори, тогаш партиските тела и органи се оние кои што ќе донесат одлука дали ЛДП ќе настапи самостојно или ќе коалицира во одредена коалиција.

На кои политики и црвени линии најмногу ќе инсистирате доколку по изборите имате опција за коалиција во Влада?

-Ние ќе го продолжиме патот кон интеграција во ЕУ, бидејќи за нас друга алтернатива нема и тоа е поставено во статутот на партијата – ние сме европска партија. Услов за било која Влада во иднина ќе бидат резултатите од борбата против криминалот и корупцијата, бидејќи тоа се фундаменти кои ги поткопуваат државните темели, внесуваат недоверба во системот. Треба суштината и фокусот да се стави доколку сакаме да градиме европска и напредна држава.

Дали предвремени избори, па уставни измени, или уставни измени, па предвремени избори?

-Не можам сега да дадам проценка како би се одвивале работите. Доста е актуелно прашањето со уставните измени. Само ќе кажам дека треба сите да се обединиме, партиите да ги надминат теснопартиските интереси и заедно да донесеме одлука по кој пат ќе ја трасираме државата, но и да ги тргнеме последните пречки кои што не двојат од тоа да ги завршиме преговорите со ЕУ.

Н.П.

Слични содржини