Интервју со Ангелоски: Зголемувањето на даноците треба да биде последна опција, државата да се насочи кон рационализација во јавните претпријатија

од Vladimir Zorba

Погрешен чекор на штета на бизнисот. Ова е суштината на оценката на Сојузот на стопански комори во однос на носењето на предложениот Закон за данок на солидарност.

На ваков начин, вели претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Трајан Ангелоски во интервју за „Локално“, државата прави преседан .

„Не само што не можеме селективно да ги применуваме европските пракси, туку важно е и да напоменеме дека во овој момент не ни се потребни дополнителни даноци кои многу реално ќе претставуваат дополнителен товар за бизнисот“, вели Ангелоски. 

Забелешки упатува и во однос на состојбата во градежништвото кое според него, наместо да ја опфаќа вкупната инфраструктура, кај нас се сведува само на изградба на станови.

„Се случува процес кој е математички несфатлив, луѓето се иселуваат, а бројот на станбени единици се зголемува. За очекување е дека ќе се зголемат даноците за имот, па оттука, каква ќе биде реакцијата во тој случај на пазарот на недвижнини? Масовно продавање на станбени единици ?“ реагира Ангелоски.

Говорејќи за иницијативата „Отворен Балкан“, ги посочува нејзините неспорни придобивки, но отвора и дилеми поради малиот број оперативни мерки и недоследности.

Се соочуваме со парадокс бидејќи со македонски таг уред ќе можете да ја поминете цела Србија, но во Македонија нема да можете ни до Охрид“, вели Ангелоски.

Каков е ставот на ССК во однос на солидарниот данок и дали веќе направивте проекции за импликациите врз бизнисот? Колку се реални размислувањата за негово оспорување пред Уставниот суд?

-Повикувајќи се на некои мерки кои биле превземени во рамки на земјите на ЕУ, солидарниот данок дефинитивно испраќа погрешна порака и прави преседан кој претходно не постоел во нашата земја. Не можеме селективно да ги применуваме европските пракси, а подеднакво важно е и да посочиме дека во овој момент не ни се потребни дополнителни даноци кои многу реално ќе претставуваат дополнителен товар за бизнисот. Зголемувањето на даноците треба да биде последна опција на државата бидејќи  таа претходно треба да се насочи кон администрацијата, односно да спроведе рационализација во јавните претпријатија и да ги приватизира посточеките нефункционални делови. Според начинот и времето како се носи, овој данок според правните експерти коишто ги консултиравме, може да биде предмет за оценка на уставноста.

ЕИБ одобри 100 мил. евра за малите и средни компании. Има ли интерес кај стопанствениците за оваа кредитна линија?

-Во секој случај тие средства ќе помогнат, ќе бидат добредојдени во инвестирање во зелени техологии. Ние апелираме со години наназад, но за жал државата во одреден период  ги казнуваше компаниите кои имаа ОИЕ бидејки  имаа лиценци за производство на таа вишок енергија и на некој начин ги дестимулираше со одредени административни бариери поради поседувањето на ваквата лиценца. Во овој момент сметаме дека домаќинствата се дестимулирани бидејки цените за откуп  на вишоците  се премногу  ниски и намерно потценети за домаќинствата да не инвестираат во ваков тип на енергија, средствата кој треба да ги употребиме за инфраструктура ние ги трошиме за неефикасни енергетски политики. Ние мислиме дека нашата земја дефинитивно има целосно погрешен начин на делување во однос на  делот на ОИЕ и зелената енергија. Од некои политички кругови се даваат декларативни изјави за инсталирање на одредени мегаватчасови, но многу мал дел од нив се државни инвестиции а 98 %  се приватни инвестиции.

Ако тргнеме од премисата дека градежништво  е локомотива на вкупната економија, логично се наметнува прашањето за состојбата во која што се наоѓа оваа локомотива. Дали таа  во овој момент успева да ја движи  економијата напред?

-Кога говориме за градежништво треба да говориме за изградба на коридори, инфраструктура, а додека кај нас фокусот е  на станбени единици. Се случува процес кој е математички несфатлив, лугето се иселуваат, населението се намалува а бројот на станбени единици се зголемува.И тоа ја покажува состојбата која ние како Комора ја сигнализираме, дека не постојат доволно шанси  за инвестирање во нашата земја и многу луѓе кои имаат слободен капитал се одлучуваат да го вложат во станови што по нас е навистина неадекватна инвестиција. За очекување е дека ќе се зголемат даноците за имот, во некои општини тоа е веќе таква тенденција и каква ќе биде реакцијата во тој случај на пазарот на недвижнини? Масовно продавање на станбени единици и пукање на тој балон? Сметаме дека градежништвото  треба да е присутно во многу сфери, како изградба на инфраструктура, индустриски капацитети, патишта, водоводи, железници, а за жал во нашата земја резултатот е  изградени едвај неколку километри годишно.

Иницијативата „Отворен Балкан“ беше подржана од стопанствениците уште од самиот почеток. Како го оценувате целиот овој процес  и фактот дека некои од предвидените новини бавно се имплементираат?

-Нашиот став е дека не е важно  името туку мора да постои регионална соработка. Отворен Балкан е една од иницијативите, ЦЕФТА  е друга, Берлинскиот процес е трета, но како и да се нарекувааат, границите треба да станат формални или да ги нема, луѓето треба да патуваат без никаков проблем, да соработуваат, економски да се поврзуваат. Ние ги поддржуваме сите регионални иницијативи. Популарноста на “Отворен Балкан” се должи на тоа што беше често на агендите на политичарите. Има поместувања во туризмот, односно  сега плаќањето на патарини со македонски ТАГ низ Србија фукционира без проблем.Но од друга страна се соочуваме со парадокс бидејќи со македонски таг ќе можете да ја поминете цела Србија, но во Македонија нема да можете ни до Охрид. Ни недостига  фокусирање, детално да ги разработиме сите процеси за да се добие бенефит и граганите и стопанството. Често велиме, дека ако се бројат средбите на политичарите, тие покажуваат дека биле реализирани околу 17 во однос на Иницијативата „Отворен Балкан“. Од друга страна, оперативни мерки  има максимум две до три. По тоа ќе видите каква е ефикасноста.Таа е на многу  ниско ниво и очекуваме да се надмине.

Кои се другите предизвици пред кои се наоѓаат македонските стопанственици? Дали меѓу нив е и цената на електричната енергија која согласно очекувањата и актуелните услови наскоро повторно ќе добие на актуелност?

-Во  моментов врзано со цената на електричната енергија и најавата за раст на цените на сите енергенти, се говори дека оваа зима можеби нема да биде толку блага како претходната. Лани имавме голема среќа со временските услови па цените не беа толку високи. За жал очекувањата се дека оваа зима цените на енергетните може повторно  да се зголемат што за стопанството ќе преставува значителен удар  а веќе се чувствува одреден тренд на нивно зголемување. Треба да работиме, да се подготвиме за претстојната зима. За жал нашите институции  по стариот добар обичај, времето за подготовки не го користат на адекватен начин и тоа е трајна загуба на ресурси и  средства кои секако за наплата ќе дојдат тогаш кога цените на енергентите ќе се зголемат.

Колку е честа праксата целиот процес стопанствениците да го реализираат самостојно?

-Голем број компании инсталираат тоа што можат, а наједноставни за инсталирање се фотоволтаици за производство на електрична енергија. За жал недостасува поддршка од државата во однос на брзината на приклучување на тие електрани на мрежата и подготовка на документацијата. Во неколку наврати апелиравме дека тоа е премногу долг и сложен процес кој претставува голема пречка во процесот на инвестирање на ОИЕ а тоа е огромен благодет што нашата земја го има, а тоа се 280 сончеви денови и навистина е голема штета тоа  да не се искористи.

Подолг период стопанството се жали на недостиг на квалификувани кадри. Во колкава мера помагаат преквалификациите на работниците? Како успевате да ги задржите работниците тука и како воопшто се наоѓа добар работник?

-Кадри ќе недостигаат и повеќе во следниот период но сметаме дека тоа е двонасочен процес. Недостатокот ќе влијае на зголемување платите на тие  што ќе останат но од нив ќе им се бара поголема ефикасност. Треба да се навикнуваме. Сметаме дека ефикасноста на целата економија е на многу  ниско ниво. Тоа е процес кој мора да го поминеме како држава. Од 40 % невработеност и состојба во која не знаевме да ги  почитуваме расположливите кадри, сега се наоѓаме во поголем проблем, кога многу работни  позиции се слободни. Но сите земји го поминале овој процес па така ќе биде и со нас.

Најавата за увоз на работници од странство поттикна голем број спротивставени реакции во јавноста.  Дали сметате дека на овој начин ќе се надмине проблемот со недостиг на работна сила?

-Тоа е нормален процес, државата треба да  си го сфати тоа како нејзина обврска, бидејќи фигуративно да се изразам, не може да имате сад од кој постојано губите течност, а да не се обидувате да ја надокнадите, на овој начин садот може да остане празен. Треба да сме свесни ако луѓето се иселуваат, мора да дозволиме странските работници да се вработуваат под еднакви  услови како домашните .  И секако да се реформира процесот на пријавување на невработените. Сметаме дека процентот на невработеност од 14,3 % е нереален. Одредени луѓе го користат системот за бенефити а процентот на невработени е далеку понизок.

К.В.С.

Слични содржини