Интервју со Ангелов: Влезот на Курти преку Самоопределување на нашата политичка сцена е директно вмешување во внатрешните работи на Македонија и може дополнително да ги влоши меѓуетничките односи

од Nikola Popovski

Се работи за ПР и привлекување на гласови. Ова се само дел од некои од дразбите кои што се случија, за на крај да биде качувањето на албанското знаме на јарбол во црквата, што е директна провокација. Од тие причини отидов на Попова Шапка со намера да го симнам знамето, но тоа веќе беше тргнато. Отидов со намера да го симнам, ниту да го газам, ниту да го кинам, туку да го земам и да го дадам на некој мој пријател Албанец, вели во интервју за „Локално“, претседателот на Достоинство и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов околу инцидентот со поставеното албанско знаме јарболот во дворот на црквата „Св. Наум Охридски“ на Попова Шапка, што се случи кон крајот на минатиот месец.

За во петок вели дека е најавен протест против крстот на црквата, кој според Ангелов, ќе покаже колку Албанците се „лепат“ на националистичката реторика.

-Влезот на Албин Курти како лидер на Самоопределување на македонската политичка сцена, како четврта политичка партија во албанскиот опозициски блок е навистина загрижувачко бидејќи имаме директен влез на странска политичка партија во македонски избори. Се разбира тоа ќе биде изведено преку македонски државјанин, но тоа е директно вмешување во внатрешните работи на Македонија и може дополнително да ги влоши меѓуетничките односи, оценува претседателот на Достоинство за најавената соработка меѓу Европскиот сојуз за промени и партијата на косовскиот премиер.

Според Ангелов, во овој момент единствен услов за да отпочнеме преговорите со ЕУ е да ги внесеме Бугарите во Уставот, но смета дека треба во континуитет да работиме на потребните реформи.

-ЦУК го доживувам како јак џип и јако теренско возило, кое што порано го возеле по втора брзина по асфалт. Сега јас го нагазив и по црн пат и по асфалт, некаде со 180, некаде и со 100 километри на час, ни рече директорот на Центарот со кој што раководи.

Имавте една мини-епизода со симнување и качување на знамиња на црквата на Попова Шапка. Многумина ова го нарекоа „пред-изборна игра“ за собирање поени, додека вие сметате дека е намерна провокација и подгревање на меѓуетничката нетрпеливост. Какви се меѓуетничките односи во моментов, по ваше мислење?

-За почеток да ве корегирам дека целата оваа епизода започна со најавите за рушење на крстот во дворот на црквата на Попова Шапка, изјава која беше дадена од градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами. Не зборуваме за некој случаен лик, туку за човек кој е претседател на БЕСА, која е дел од албанскиот опозициски блок. Неговата изјава за отстранување на крстот крајно негативно се одразува на меѓуетничките и меѓуверските релации во државата. Сметам дека на ваквите провокации треба жестоко да се одговори, наместо да се премолчува. Ако ние Македонците ги премолчуваме сите вакви провокации, се поставува прашањето која ќе биде следната провокација од албанска екстремистичка страна. Намерно нагласувам албанска екстремистичка страна бидејќи сакам да верувам дека убедливо мнозинство од Албанците не се согласуваат со Касами. Токму од тие причини напишав еден Фејсбук статус кој што не беше толку жесток. Во него набројав што се случува во државата во последните 5-6 месеци.

Во текот на летото во нашата држава беа премиерот и претседателката на Косово и притоа во Скопје и Тетово беа пречекани со илјадници албански знамиња, без употреба на македонското знаме, што е спротивно на закон. Таквите работи не треба да ги премолчуваме. На истите такви собири имаше знамиња или транспаренти со мапата на Голема Албанија, што е недозволиво и за што следи кривична одговорност, во најмала рака за разгорување на верска и етничка нетрпеливост. Други дразби беа и ставовите на Касами кој што сметаше дека ако во скопски Аеродром или во други општини каде што има градоначаници од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде интонирана македонската химна, тие за возврат ќе ја интонираат албанската химна. Ние сме Македонија и не смее во официјална институција да биде интонирана химна на друга држава, освен во одредени пригодни настани, кога доаѓа овде премиер или претседател на друга држава. Пуштање на химна на Р. Албанија во Македонија е кршење на законот и ги подгрева меѓуетничките односи и нетрпеливост. Во ист период и Али Ахмети беше на отворање на музеј кој што требаше да сведочи за нивна епизода од 1944 година од Втората светска војна и наместо тоа видовме музеј на УЧК. Донекаде на тоа и се навикнавме бидејќи е дел од суровата реалност од последните 20 години. Во истиот музеј на мермерна плоча ја видовме мапата на Голема Албанија – тоа ја прели чашата во јавноста.

По жестоките реакции на јавноста, плочата се тргна и се надевам дека е отстранета. Сепак се сомневам дека било кој Албанец од Скопје би отишол да види таму што има. Се работи за ПР и привлекување на гласови. Ова се само дел од некои од дразбите кои што се случија, за на крај да биде качувањето на албанското знаме на јарбол во црквата, што е директна провокација. Од тие причини отидов на Попова Шапка со намера да го симнам знамето, но тоа веќе беше тргнато. Отидов со намера да го симнам, ниту да го газам, ниту да го кинам, туку да го земам и да го дадам на некој мој пријател Албанец. Имам почит кон сите знамиња, се работи за знаме на Р. Албанија, но кај нас Албанците го користат како национална знаме. Косово користи знаме на кој што го нема тој двоглав орел. Двоглавиот орел е стар византиски симбол кој до ден денес го користи Македонската православна црква. Овие се причините поради кои што реагирав и за кои што ќе реагирам на вакви настани. Постои можност ова да е намерно предизвикано со цел да се крева меѓуетничка тензија, која некого би му донела политички профит. Апелирам до сите партии да не се злоупотребуваат меѓуетничките односи поради дневна политика или политички поени бидејќи цената може да биде премногу скапа.

Од друга страна во неколку мои јавни настапи укажав на тоа дека на поголем дел од граѓаните им смета гласното пеење од џамиите. Немам против Албанците и сите муслимани да си ги негуваат верските чувства, но тоа да биде на начин на кој што нема да им пречи на останатите. Имаме и други состојби кои што го иритираат православното население. Мораме да бидеме внимателни и покрај барањето на права, да се почитуваат обврските кон државата, да не излезе дека ние Македонците го полниме Буџетот, на сметка на друг кој што го злоупотребува. Недозволиво е да не се плаќа струја исто така со разни обрзложенија. Зад крстот и знамето имаше нешто многу повеќе.

Меѓуетничките односи се на завидно ниво, но постои опасност да се влошат – пред секои избори се случува истото. Лесно е да кажеме дека политичките фактори ја злоупотребуваат националистичката реторика во предизборието. И тоа не е страшно ако е така, но јас имам едно контра прашање: Зошто албанските политички фактори користат таква реторика? Одговорот би бил дека тоа се допаѓа на еден дел од гласачкото тело и ние не треба да мижиме пред тој факт. Да, за жал на дел од Албанците им се допаѓа идејата за Голема Албанија и да се отцепат од Македонија и ние тоа не треба да го криеме. Се надевам дека тој процент е минорен, но самото тоа што албанските политички фактори во континуитет користат таква реторика, значи дека не е. Ако имате само илјада гласачи кои се „палат“ на таква реторика, тогаш зошто би ја употребувале? Според мене, можам да заклучам дека солиден дел од гласачкото тело се уште се „пали“ на оваа реторика и ние треба да молчиме, како да не постои?

Во петок е најавен протест против крстот на црквата на Попова Шапка, се шири некаков постер на Твитер. Тоа ќе покаже колку Албанците се „лепат“ на оваа реторика – ако има минорна бројка, тоа значи дека не се „залепиле“ на реториката, ако има поголема бројка, треба да биде сериозно сфатено од сите безбедносни служби во државата. На овие Албанци кои ќе отидат да протестираат против крстот не им сметаат џамијата на четири ката која што е бесправно изградена, не им сметаат бесправно изградените 80 хациенди и викендици, а ставањето на еден крст кој што е дел од опремата на црквата, им пречи. Не е точно дека се обидувам да добијам политички поени. Како бранител кој учествувал во одбраната на Македонија во 2001-та, но и како човек кој активно работи на процесот на помирување помеѓу Македонците и Албанците особено бранителите и поранешните УЧК сметам дека имам морално право да реагирам на ваквите дразби.

Војната во Украина отвори многу фронтови низ светот, оној нас кој најмногу не интересира е во соседството, каде во секој момент се очекува повторно негово разгорување. Имуна ли е Македонија од случувањата во Северно Косово и дали доколку дојде до некакво отцепување и поделба, тоа може да се преслика во земјава?

-Не се согласувам дека војната во Украина отворила фронт на северно Косово. Тој фронт постои секогаш. Сметам дека исто и северот на Косово се злоупотребува за политички цели. Суровата реалност е дека никогаш нема да биде дел од Србија затоа што никој тоа нема да го дозволи. Косово беше покраина во склоп на Југославија и беше издвоена територијална целина. Косово како целина се осамостои и беше признато од многу држави вклучително и од Македонија. Она што нас може да не загрижи се националистичките тенденции кои ги има на Косово и можат да прелиени кај нас. Влезот на Албин Курти како лидер на Самоопределување на македонската политичка сцена, како четврта политичка партија во албанскиот опозициски блок е навистина загрижувачко бидејќи имаме директен влез на странска политичка партија во македонски избори. Се разбира тоа ќе биде изведено преку македонски државјанин, но тоа е директно вмешување во внатрешните работи на Македонија и може дополнително да ги влоши меѓуетничките односи. Курти оди со една тврда националистичка реторика и сметам дека тоа ќе се одрази и кај нас во Македонија.

Дали НАТО во оваа ситуација би одиграл клучна улога?

-Македонија не е територијално загрозена однадвор и никој не може да не загрози – ние сме членка на НАТО, но постои проблем одвнатре. Тоа можевме да го видиме и пред 8,9 години во кумановско Диво Насеље. Сметам дека како држава имаме повеќе од доволно капацитети за да се справиме со внатрешен конфликт. Искрено не верувам дека нешто може слично да се случи. Нас не ни треба НАТО при внатрешни проблеми. Конфликт како во 2001 година, по моја проценка, не може да ни се повтори, ниту слично по обем, бидејќи Албанците добија се што посакаа и нешто екстра, надвор од предвиденото со Охридскиот договор. Реално постои можност за влез на терористички групи како во 2015 година, иако во моментов не гледам таква можност. Со нив лесно би се справиле. Нас треба НАТО да ни ги остави одврзани рацете, да не ни се повтори 2001 година кога ни беа врзани рацете.

Со оглед на вашето минато, неизбежно е прашањето за подготвеноста на македонската армија да се брани од закани. Како го оценувате темпото со кое се модернизира АРМ, дали може да одговориме на надворешните закани, доколку има таква потреба?

-Немаме потреба да одговараме на надворешни закани бидејќи сме дел од НАТО. Сметам дека нашата армија постојано се модернизира – во тек е набавка на модерни хеликоптери и борбени оклопни возила. Сметам дека Армијата со самиот влез во НАТО ја подобри борбената готовност и следните години ќе биде подигната на уште повисоко ниво. Процентот од Буџетот кој што сме должни како држава да го издвојуваме за АРМ е контролиран од НАТО и сите фактори ќе придонесат Армијата да биде уште повеќе кредибилна. Притоа и законските решенија во последните години, ги мотивираат младите да бидат дел од АРМ и денеска имаме ситуации кога младите преферираат да се вработат во Армијата пред полицијата. Денес гужвите при конкурсот на АРМ се поголеми отколку гужвите при конкурсот во полицијата, а порано беше обратно.

Држи ли вода теоријата дека криминалот и корупцијата ги сопрело отворањето на преговорите со ЕУ, а не негласањето на уставните измени? Или можеби сите партии се виновни за овој дебакл што ни се случува, во кој земја разурната од војна излегува пред нас на европскиот пат…

-Земја разурната од војна нема никогаш да стане дел од ЕУ. Тоа е само еден добар ПР и политичка одлука. Украина не е подготвена да преговара со Брисел бидејќи се работи за земја која нема ефективна контрола над целата своја територија. Сочувствувам со украинскиот народ и сметам дека војната ќе заврши на маса. Што се однесува до нас, во овој момент единствен услов за да отпочнеме преговорите со ЕУ е да ги внесеме Бугарите во Уставот и точка. Од друга страна, овој период и следниот период, можевме да го искористиме за борбата против корупција и отстранување на низа слабости кои што беа детектирани од Европската комисија. Мојот став е дека не треба да чекаме да ги започнеме преговорите или да влеземе во ЕУ за да ги започнеме реалните реформи, туку треба во континуитет да работиме на нив.

Мицкоски вели влегување во ЕУ може да трае од 10 до 100 години. Каква порака со ова се испраќа на македонските граѓани за оваа стратешка цел која е поставена од самостојноста – „заборавете на ЕУ доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт“?

-Во реалноста, процесот на преговори и по влезот на Бугарите ќе трае долго. Ќе потсетам на Турција која со децении преговара со ЕУ, а и Србија и Црна Гора преговараат подолго време. Факт е дека влезот на новите членки на ЕУ се претежно со политичка одлука бидејќи Бугарија ниту денес не ги исполнува стандардите на ЕУ. Ги ужива придобивките и стратешки беше многу важно за ЕУ и покрај огромната корупција и криминал кај нашиот источен сосед. Процесот на влегување во ЕУ е еден деликатен процес и постои можност во зависност од геостратешките случувања и за реален брз влез до 2030 година, но постои и можност целиот процес да се развлече. За жал, почетокот на преговорите нема да значи и прекин на условувањата од Бугарија кои сигурно ќе продолжат.

Гледате ли вие опасност по Македонија и идентитетот доколку се стават Бугарите во Уставот?

-Апсолутно не, но влезот на Бугарите во Македонија ќе ја отвори Пандорината кутија и ќе продолжи да ги вади духовите од неа, затоа што тоа од далеку не е она што Бугарија го бара од Македонија. Секојдневно сме сведоци на изјави на бугарски авторитети, почнувајќи од претседателот на државата, премиерот и клучните министри кои велат дека имаме уште многу услови, кои произлегуваат од Историската комисија. Се додека не се договориме за болните историски теми, Бугарија ќе наоѓа начин да ни става вето. Притоа тоа вето не мора да биде ставено врз основ на Историската комисија… Песимист сум дека ќе се тргне ветото и ќе се откочи процесот на Македонија кон ЕУ.

Какви се плановите на Достоинство за претстојните избори? Веќе изјавивте дека со СДСМ не одите во коалиција поради неисполнети ветувања кон бранителите…

-Постои се уште време за да се реши проблемот, иако тоа е тенко. Ние како Достоинство настапување принципиелно. Нашата политичка „војна“ со ВМРО-ДПМНЕ започна поради бранителите. Бевме оптимисти дека со оваа Влада ќе решиме некои од проблемите и успеавме четири воени инвалиди кои ја враќаа оштетата со камата, Владата да донесе одлука со која што беше прекинато враќањето на парите и беа вратени назад присилно земените пари. Тоа беше позитвен гест на Владата, но очекуваме да се усвои Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили и членови на нивните семејства. Со оваа измена што ја нудиме има само еден член, а тоа е праведен надомест на нематеријлна штета на необесштетените смеејства на загинатите бранители. Се работи за максимум 15 семејства и 5-6 до 10 воени инвалиди кои се уште не се обештетени. Сумата е помалку од еден милион евра, навидум многу, но за исправување на оваа неправда тоа не е ништо бидејќи овие кутри семејства се ставени во една неправедна ситуација. Семејствата на загинатите припадници на безбедносни сили кои што загинаа во Диво Насеље беа обештетени со по 70 илјади евра. Притоа, родителите на сите загинати си ги бараа назад своите чеда, не бараа пари. Јас како неформален лидер на бранителите и претседател на Достоинство сметам дека овие луѓе кои што ги изгубиле своите синови, со овие пари ќе можат да имаат подобар и поквалитетен живот, доколку имаат второ дете, друг син, внучиња, деца од нивните синови, да проживеаат подобар живот. Никому не посакувам вакви пари и многу сум внимателен со оваа тема. Ниту едни пари на светот не можат да го надоместат изгубеното чедо…Настанала штетна последица и нивните деца загинале бранејќи ја татковината и ние сме должни да ја исправиме повеќедецениската неправда. Доколку не помине оваа одлука, ние во мај јавно кажавме на мирен начин дека ќе ја напуштиме владината коалиција.

Апелирам до медиумите да бидат повнимателни бидејќи вадењето на атрактивни наслови ја искривува вистината. Достоинство ќе ја напушти владината коалиција доколку биде отфрлена иницијативата во Влада. Минатиот декември поднесовме иницијатива во Владата, а во Собранието имаме предлог-закон кој што ја третира истата проблематика. Доколку биде надминат проблемот, имаме простор за разговор со СДСМ, а дали ќе се договориме да настапиме заедно на следните избори е прашање бидејќи имаме и други барања како партија. Демократија и борба против корупција се само дел од нашата општа програмска определба. „Албанскиот екстремизам“ не можеме да го трпиме вечно – мора и таму да се преземе нешто. Треба да има ред во државата. Треба да бидеме отворени. Зборуваме за права, но треба и за обврски. Ние сме зрела политичка партија. Доколку не најдеме договор со СДСМ, втората можна варијанта е да настапиме самостојни на изборите, свесни притоа дека можностите да освоиме пратеник се минорни. Јас единствено знам дека се подготвувам да бидам носител во првата изборна единица…Можеби ќе настапиме само во првата ИЕ, без преголеми очекувања и би рекол храбро да загинеме. Подобар ужасен крај, отколку ужас без крај.

Во ЦУК сте веќе две и пол години, ве гледаме и често на терен во „спасувачки мисии“, па како сте задоволен со она што е постигнато во вашиот мандат?

-Сметам дека она што е направено во овие 2-3 години не е направено во изминатите 12-13 години од постоење на Центарот. Во делот на унапредувањето имам повеќе од 90 унапредувања, повеќе од половина канцеларии се целосно или делумно реновирани, како и оваа зграда каде што е ЦУК. Генерално и климата и меѓучовечките односи се на многу повисоко ниво од она што ги затекнав. Нашата одговорност како ЦУК е огромна. Од друга страна истовремено имаме и неколку одлуки кои се невидливи за јавноста, а се од исклучително значење за државната безбедност. Јас го менаџирам и главниот Штаб за управување со кризи. Воедно во државата постои и Група за процена на ризици и опасности. Оваа група е составена од директори на разузнавачко-безбедносната заедница и кризниот менаџмент. Членови на Групата за процена се директорот за АР, АНБ, Воената служба за безбедност и контра-разузнавање, заменик-началникот на Генералштабот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорите и замениците на ЦУК и на ДЗС и советникот за национална безбедност од Кабинетот на претседателот. Со исклучок на двајца, сите сме работеле по 10-20 години во разузнавачко-безбедносната заедница. Ова тело има седници по потреба и јас ги свикувам.

Работата на ова тело е тајна и не ја презентираме во јавноста. Но ние во реално време имаме информации за сите опасности. Сите овие тела, ние како ЦУК ги сервисираме. Дава многу посериозна димензија на ЦУК надвор од овие пожари и поплави. Ние меѓу другото работевме и на верзија на следење на радиоактивен облак при евентуална хаварија на нуклеарната централа во Украина. Имаме две тела кое што вршат мерење и бевме во постојана комуникација. Ние како ЦУК сме контакт точка во случај на зголемување на радијација, но тоа не е интересно за јавноста. Ако се случи хаварија, ние ќе знаеме два дена пред отровниот облак да стигне во Македонија, нешто налик на Чернобил. Имавме минимум два дена и ги следевме правците на ветрот и во која насока би тргнала главнината на радиоактивниот облак. ЦУК го доживувам како јак џип и јако теренско возило, кое што порано го возеле по втора брзина по асфалт. Сега јас го нагазив и по црн пат и по асфалт, некаде со 180, некаде и со 100 километри на час.

Разговараше: Стефанија Кузмановска
Подготви: Никола Поповски

Слични содржини