Интервју со Маричиќ: ВМРО-ДПМНЕ го предизвикува европскиот пат на земјава преку фалични референдумски иницијативи за кои однапред се знае дека не може да успеат

од Vladimir Zorba

Дали во ВМРО-ДПМНЕ постои европско крило или тоа е европска партија која е со години окупирана од недемократски раководства ќе треба да си одговорат членовите на таа партија. Јас можам да кажам дека на македонскиот народ и на сите граѓани на Северна Македонија им се потребни одговорни, демократски и европски партии и во власта и во опозицијата кои заедно ја носат земјата напред, а не опозиција која за личен интерес сака да ја носи земјата во неизвесност, вели во интервју за „Локално“ вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

За одбивањето на иницијативата за референдум од страна на спикерот Џафери за престанување на важење на Договорот со Бугарија , Маричиќ смета дека не е во ред ниту од политички, ниту од државнички аспект, што ВМРО-ДПМНЕ влегле во манипулација со граѓаните по сензитивни меѓунационални теми и што го „предизвикува европскиот пат на земјава преку фалични референдумски иницијативи за кои од напред се знае дека не може да успеат“.

-Уверен сум дека тие кои му го составувале референдумското прашање на Христијан Мицкоски знаеле во каква корелација се меѓународното и домашното право, истакна тој.

Во однос на трошењето на финансиски средства од страна на Русија за влијание на македонската политика, за што обвини МНР Османи, и дали земјава може да се „сврти кон Истокот“, вицепремиерот е дециден дека земјава никогаш не ја раскинала соработката со Истокот, но тоа „не е страна која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, економски просперитет и европски фондови“.

– Особено ако се има предвид дека Русија со инвазијата врз Украина ги прекрши сите цивилизациски вредности за кои цврсто се залагаме како нација и држава. Токму поради сето ова, убеден сум дека Северна Македонија никогаш нема да се повлече од добрососедство, пријателство и соработка, односно никогаш нема да отстапи од јасно трасираниот европски пат кој носи стабилност, сигурност и подобар живот за нашиот народ, вели Маричиќ.

„Џафери го прекрши Уставот“, обвинуваат од опозицијата откако иницијативата за Референдум за престанување на важење на Договорот со Бугарија беше одбиена. Сметате ли дека со одбивањето на инцијативата се ускрати правото на граѓаните да го искажат своето мислење, кое власта треба да го слушне и да го преточи во конкретна процедура која ќе го даде посакуваниот резултат?

-Меѓународното право и меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и тие не може да бидат менувани или дератификувани со домашен закон. Не е во ред ниту од политички ниту од државнички аспект што ВМРО-ДПМНЕ влезе во манипулација со граѓаните по сензитивни меѓунационални теми и што го предизвикува европскиот пат на земјава преку фалични референдумски иницијативи за кои однапред се знае дека не може да успеат.

Уверен сум дека тие кои му го составувале референдумското прашање на Христијан Мицкоски знаеле во каква корелација се меѓународното и домашното право.

„Три во едно: референдум, предвремени парламентарни и претседателски избори“, наводно за да се скрати трошокот, побара Мицкоски. Колку сето ова е за „спас на фотелјата“ на Мицкоски во Белата палата, како што често знаат да истакнат од владејачката партија?

-Деновиве го гледаме Мицкоски како политичар „фатен со рацете во медот” кој во исто време изјавува дека не знаел што била суштината на „Отворен Балкан“, не бил информиран. Овие две работи кои се актуелни од неделава доволно зборуваат за несериозноста на изјавите и намерите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Ваков несериозен политичар тешко дека може да додржи да ја води најголемата опозициска партија, а камоли државата. Затоа, не треба да не изненадуваат фаличните референдумски прашања предложени од Мицкоски, таквите неодговорни и антидржавни иницијативи добро му прилегаат.

Постои ли, според вас, проевропско крило во ВМРО-ДПМНЕ кое ќе влијае на опозициските пратеници да гласаат за промена на Уставот?

-Јас познавам членови на ВМРО-ДПМНЕ кои немаат никаква дилема по однос на стратешката ориентација на земјава и по однос на трасираниот европски пат. Тие се партија која е членка на Европската народна партија и од таму често добиваат укори и критики за тоа што раководството на ДПМНЕ често влијае штетно врз европската интеграција на земјава. Дали во ВМРО-ДПМНЕ постои европско крило или тоа е европска партија која е со години окупирана од недемократски раководства ќе треба да си одговорат членовите на таа партија. Јас можам да кажам дека на македонскиот народ и на сите граѓани на Северна Македонија им се потребни одговорни, демократски и европски партии и во власта и во опозицијата кои заедно ја носат земјата напред, а не опозиција која за личен интерес сака да ја носи земјата во неизвесност.

Во однос на уставните измени веќе се јавува проблем и со Алијансата за Албанците. Таравари изјави дека нема да гласаат „ЗА“ во Собранието доколку не се избришат и оние „20 отсто“ во уставот во делот на остварувањата на правата на една заедница. Како го коментирате ова? Дали како Влада сте подготвени за исполнување на нивните барања?

-Очекувано беше дека иницијативата за уставните измени од некои политички субјекти ќе се користи и за добивање дневно политички поени. Ние како политичари, како Влада и Собрание, како политички субјекти овој пат мора да застанеме одговорно пред нашата обврска и да ги заокружиме овие уставни измени, кои се прават со јасна намена и цел, а тоа е влез во поглавјата од преговорите, европски реформи, европски фондови и влез во ЕУ како крајна цел. Со тој политички, институционален и уставен чекор многу добиваме, ништо не губиме. Внесувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот не може да и наштети никако на нашата земја, исто како што немаме никаква штета од тоа што во Уставот се декларирани и Албанците, Србите, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците.

Како Влада сме подготвени, а и наша обврска е, да развиеме дијалог со сите пратенички групи и да направиме атмосфера која ќе овозможи да се случат тие измени.

Османи деновиве обвини дека Русија трошела пари за да влијае врз македонската политика, од најголемата опозициска партија, пак, има постојани барања за поништување на меѓународни Договори кои можат да не оддалечат од НАТО и ЕУ. Остава и впечаток и се поголемата поддршка од граѓаните за политиките на Русија и Кина, во однос на Западните. Дали земјава и граѓаните се „вртат“ кон Истокот и можеме ли да бидеме ли сведоци на менување на стратешките цели зацртани уште од прогласувањето на независноста на држававa при евентуална промена на власта?

-Северна Македонија е демократска и европска земја и тоа не е така затоа што оваа Влада така одлучила туку затоа што Македонците и сите граѓани со кои заедно живееме тука од памтивек сме биле на таа страна, и географски, и политички, и вредносно и геостратешки. Ние од секогаш сме биле поддржани од Западот, и во време на нашите ослободувања од окупации, и во време на создавањето на нашата држава и денес. Тој пат денес за нас значи сериозни стандарди, сериозно почитување на човековите слободи, гарантирани права за секоја индивидуа и за секоја заедница, прецизни задачи, одговорности и рокови за секоја институција со цел подобрување на услугите кон граѓаните, огромни европски фондови за инфраструктурни и системски инвестиции во земјава и меѓународно почитување на нашите посебности, и како македонски народ и како држава Северна Македонија со сите свои карактеристики и различности во себе.

Ете затоа нашиот народ со векови е на европската патека. За се што наведов погоре како придобивка за нашата земја не постои ниту една друга опција која истото може да ни го обезбеди ни од далеку. Ние никогаш не сме ја раскинале соработката со Истокот, но тоа не е страна која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, економски просперитет и европски фондови, особено ако се има предвид дека Русија со инвазијата врз Украина ги прекрши сите цивилизациски вредности за кои цврсто се залагаме како нација и држава.

Токму поради сето ова, убеден сум дека Северна Македонија никогаш нема да се повлече од добрососедство, пријателство и соработка, односно никогаш нема да отстапи од јасно трасираниот европски пат кој носи стабилност, сигурност и подобар живот за нашиот народ.

Услов бугарската влада да поддржи отворање и затворање на поглавјата со ЕУ е Македонија во целост да ги исполни одредбите од Договорот од 2017 година, во кој многу важен дел се историските прашања, изјави бугарскиот амбасадор во Вашингтон, Панајотов. Постојано од Владата повторуваат дека историјата не е услов за наша целосна интеграција во ЕУ, додека нашите соседи постојано го повторуваат спротивното. Дали барањата на Бугарија за целосното исполнување на Договорот ќе доведе, сепак, за 7,8 години повторно, можеби, до ново вето, и доколку ги внесеме во Уставот?

-Меѓународните договори имаат најмалку две страни кои треба да ги испочитуваат одредбите, во случајов тоа се Бугарија и Северна Македонија. Договорот за доброседство, пријтаелство и соработка не и носи ништо лошо на нашата земја и ние како сериозна европска држава имаме намера да го испочитуваме, како и сите други меѓународни договори кои сме ги склучиле.

Добрососедството е универзална европска вредност и за тоа не може и не треба никој да не условува бидејќи ние сме веќе неколку години позитивен пример по кој може да се огледуваат другите држави. Европа кажа јасен став за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ – големо ЗА кое резултираше со европскиот предлог и со почеток на преговорите.

Ветата се во минатото, а минатото и историјата не се дел од преговорите со ЕУ. Ние со преговорите ќе ја менуваме државата на подобро, а за историјата ќе си разговараат стручни тела и комисии, неповрзано со преговарачките кластери.

И официјално започна скрининг процесот за членство на С. Македонија во ЕУ. Имаме ли подготвен кадар со познавање на европското законодавство, јуриспруденција и меѓународните стандарди, имајќи предвид дека администрацијата континуирано слабее под притисокот на политиката?

-Има во македонските тимови добро подготвени кадри и професионалци во своите области. Главниот товар на пристапните проговори го носи администрацијата. Оттука во работните групи членуваат државни службеници од соодветните институции кои веќе долги години работат на овие процеси, имаат искуство и добро ја разбираат тематиката.

Во структурата ќе бидат вклучени државни службеници особено оние со искуство во процесите, но и нови кадри, а секако се обебзеди и можност за ангажман на експерти и стручни лица надвор од институциите, бидејќи има многу поттеми за кои ќе биде потребна стручната јавност и нивниот придонес.

Нашата заложба и намера е да обезбедиме квалитетна и ефикасна структура која ќе може да се носи со предизвиците од преговарачкиот процес. Она што е секако важно дека остануваме на принципите овој процес да биде инклузивен и транспарентен и дека ќе се обезбедат механизми за вклучување и на граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница и сите други засегнати страни, кои можат да придонесат во процесот.

Експерти за евроинтегративните процеси посочуваат дека кластерот Темели, ќе биде посебен предизвик за нашата земја. Кои се вашите очекувања? Сметате ли дека бугарските барања вметнати во кластерот и нагласени во Преговарачката рамка – како прашањата на дискриминација и говорот на омраза, може да направат проблеми?

-Кластерите не содржат бугарски барања. Кластерите се областите каде се преговара со Европската Унија и за кои се оценува напредокот на земјата во конкретна област. Кластерите се тие, веќе дефинирани, исти како и за другите земји кои преговараат, во нив не се додава ниту пак одзема нешто што би било предмет на преговори.

Прашањето за дискриминација и говор на омраза, како земја која преговара со Унијата, не се однесува ексклузивно на односите со Бугарија.

Ова прашање генерално имаме обврска да го регулираме како држава, преку јакнење на институционалните капацитети и законите, усогласени со европските стандарди. Свесни сме за важноста на ова прашање, се работи за европска демократска вредност и ако се сеќавате правевме и законски измени во делот на навреда и клевета.

Цел процес на преговори ќе биде вистински предизвик, секој кластер си има своја тежина и своја посебност и ние низ овие процеси и реформи ќе си ги подобриме и институциите, и законите, и праксите и применувајќи ги усогласените и проверени европски стандарди.

Кластерот Темели се отвора прв, стои отворен во текот на преговорите и ќе се затвори последен, загоа што го диктира напредокот во другите кластери. Тоа само по себе зборува за комплексноста и важноста на овој кластер, ако знаеме дека тука се поглавјата поврзани со владеење на правото, правосудство, права и слободи. Пред нас е динамичен период во кој ќе имаме многу работа, не само во првиот, туку и во вториот кластер, внатрешен пазар. Според мене усогласувањето и интегрирањето во внатрешен пазар на ЕУ ќе биде вистински предизвик за сите, не само за институциите.

Тука се и конкурентноста и иновациите исто така, кај зелената агенда, предизвик ќе видат финансиските инвестирања бидејќи е многу скап кластер, каде се бара многу инвестирање во животната средина и технологии, коишто се позитивни кон животната средина. И во кластерот земјоделие, таму има еден многу важен дел и за државна помош и за субвенции, но и за стандарди во земјоделието. Секаде имаме многу работа, но за внатрешен пазар ќе ни треба најмногу.

Ковачевски даде оптимистичка изјава дека целта е до 2030 година земјава да стане членка на ЕУ. Реални ли се овие очекувања?

-Реално е да станеме членка на ЕУ со следното проширување само ако посветено застанеме зад овој државнички проект. Не е возможно да се каже кога точно би било тоа, на тоа немаат одговор ни државите членки, бидејќи ова е процес кој зависи од исполнувањето и напредокот во реформите на земјите преговарачки.

Значи зависи од нас и од нашата подготвеност да ги споведиме реформите. Новата методологија е токму на тој начин поставена, да бара поголем ангажман од земјите преговарачки, но од друга страна дава можност за брзина и динамика на процесот.

Затоа верувам дека со вака јасно поставена цел пред нас и политичка волја и со силен фокус на реформите можеме да одиме со добро темпо напред. Сметам дека 2030 како датум е добро поставен и треба да биде мотив кој ќе не води низ процесот и во зададениот рок успешно да го завршиме процесот на преговори и Северна Македонија стане полноправна членка на ЕУ.

По дефинирањето на преговарачката структура, усвоена на владина седница, според која јас како потпретседател на Владата задолжен за европски прашања сум и носител на активностите врзани за преговорите, односно главен преговарач, започнавме со екипирање на преговарачкиот тим.

Правиме во моментот консултации со сите општествени чинители од сите сфери, со цел најдобрите да бидат дел од процесот, експерти во својата област. Имаме веќе и надворешни експерти, поранешниот хрватски преговарач, Дробњак и Момчило Радучовиќ кој заедно со македонскиот граѓански сектор ќе дадат свој придонес во евроинтегративниот процес. Очекувам со почетокот на билатералниот скрининг, а тоа е во ноември, да ги имаме комплетирано сите тимови.

В.З.

Слични содржини