ИНТЕРВЈУ со Павлески: Десет странски компании во прелиминарни прговори за инвестирање во С. Македонија

од Vladimir Zorba

150-те милиони евра странски инвестиции во првиот квартал од 2020 година е добар индикатор за стабилноста, сигурноста и извесноста за водење бизнис која постои во Р. Северна Македонија, вели во интервју за „Локално“ директорот на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески.

Наспроти светскиот тренд на опаѓање на инвестициите кои во моментов се како од средината на 90-тите, Р.Северна Македонија вели тој, оствари помало намалување од светскиот просек.

„Лани иако беше светска криза и рецесија, нивото на СДИ од 233 милиони долари е подобро од 2017 година за цели 17%. Значи, во услови на глобално намалување на СДИ ние имавме пораст изминатите години, а во услови на ковид криза оставаривме помало намалување од светскиот просек, објаснува Павлески.

Она на што се обрнува посебно внимание според него, е зголемената вклученост на домашните компании и искористувањето на развојните потенцијали од странските директни инвестиции.

Потенцијалите за соработка помеѓу локалните компании и странските инвеститори се големи.Tоа покрај што ја раздвижува економијата води и до развој во примена на нови технологии, знаења и стандарди, а го раздвижува и претприемништвото со отворање на можности за нови продукти и услуги, вели Павлески.

Од 40 компании- потенцијални инвеститори со кои се разговара, десет открива тој, се најзаинтересирани да вложат во нашата земја.Станува збор за фирми од Британија, Белгија, Холандија, САД и др. претежно од автомобилската индустрија и ИТ секторот.

Во наредниот период очекувам официјализирање на неколку од нив што ќе значат стотина милиони евра нови инвестиции и неколку илјади нови работни места,вели Павлески.

Најдобрата година за странски директни инвестиции во Р.С.Македонија од нејзината независност во 1991 година беше далечната 2007 година кога 733,46 милиони долари се инвестираа во државата. Оваа бројка остана само убава желба во сите следни години, па оттука и прашањето дали и кога можеме да се надеваме дека ќе ја достигнеме, или можеби дури и надминеме?

-Ќе дозволите на почеток да ве коригирам. Најдобрата година за СДИ од независноста па до сега сепак е 2018 година со 713 милиони долари нето странски директни инвестиции, додека 2007 година заврши со 700 милиони долари нето странски директни инвестиции. Втор најдобар резултат во последните 9 години, односно трет во последните 12 години е 2019 година со 404 милиони долари нето СДИ. Ако на ова се додаде и фактот дека само во првиот квартал во 2020 година имавме 150 милиони долари СДИ, ќе мора да се сложиме дека сепак тоа е добар индикатор за засилената активност за привлекување на странските директни инвестиции која ја имавме, секако сè до почетокот на Корона кризата.

Од година во година нивото на странски инвестиции е далеку од посакуваното и очекувано.Една од причините е секако пандемијата, но во исто време земјите од регионот се чини дека немаат проблеми од овој тип. Останува сугестијата на домашните и странски експерти дека особено важно е и да се преземат чекори за да се создаде постабилно бизнис опкружување.Што се превзема во таа насока ако е повеќе од јасно дека странските бизниси бараат стабилност во владата, флексибилност во политиката, инфраструктура, логистика…?

-Трендот на СДИ на светско ниво е во константно опаѓање од 2015 година и во моментот СДИ се на рекордно ниско ниво како од средината на ’90-тите. Дополнително, во услови на корона криза развиените еконимии и еконимиите во транзиција бележеа опаѓање на СДИ за 58%.

Спротивно на тоа кај нас најдобрите резултати се во 2018 и 2019 година, а 2020 година, иако е светска криза и рецесија, нивото на СДИ од 233 милиони долари е подобро од 2017 година за цели 17%. Значи, во услови на глобално намалување на СДИ ние имавме пораст изминатите години, а во услови на ковид криза оставаривме помало намалување од светскиот просек. Или посликовито опишано, во последните три години (2018, 2019 и 2020 година) имавме вкупно СДИ од една милијарда и триста и педесет милиони долари што е повеќе за 5 милиони долари од вкупните СДИ во претходните 5 години од 2013 до 2017 година. Сепак, мора да се сложиме дека ова е сериозен показател на атрактивноста која ја нуди нашата земја за странските инвеститори. Но, во крајна линија тоа ја покажува и стабилноста, сигурноста и извесноста за водење на бизнис која постои во Република Северна Македонија.

Што се прави за да се зголеми вклученоста на домашните фирми во т.н вредносни вериги на странските иневстиции и фирми? До каде е Македонија со искористување на развојните потенцијали од странските директни иневстиции?

-Потенцијалите од засилената соработка помеѓу локалните компании и странските инвеститори се големи, како за локалните компании така и за локалната и национална економија. Ваквата соработка покрај тоа што ја раздвижува економијата води и до развој во примена на нови технологии, знаења и стандарди. Го раздвижува и претприемништвото со отворање на можности за нови продукти и услуги. Затоа, една од мерките опфатени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите е и соработката и вклученоста на домашните компании во бизнис процесите на странските инвеститори како локални добавувачи. Од друга страна тука се и мерките од истиот закон кои им овозможуваат поддршка на домашните компании за унапредување на бизнисот со нови инвестиции во нови згради, хали, опрема, машини, технологии и активности со цел зголемување на производството и подобрување на конкурентноста на нивните производи и услуги. Оваа помош од државата е од исклучителна важност за локалните компании затоа што за да се стане добавувач на странските инвеститори сепак мора да се исполнат високи стандарди и да се биде конкурентен на светскиот пазар.

Втор значаен сегмент е и регионалната соработка која што се случува помеѓу земјите од Западен Балкан затоа што овој регионален пристап во засилената економска соработка нема да значи меѓусебна конкуренција, туку подобра позиционираност и конкурентност на нашите компании на глобалните пазари и вредносни вериги и секако ова е уште една добра можност за нашата држава.Секако, не помалку значаен e и напорот на Агенцијата за да ја поттикне и олесни соработката на локалните снабдувачи со странските инвеститори преку порталот за Снабдувачи (Suppliers) кој е активен и функционален во рамките на веб страната (Invest.gov.mk) на Агенцијата.

Рангирањето во индексот на перцепција на корупцијата во државата е алармантно поради што се погласни се повиците да се преземат итни активности особено во судството.Колку е овој момент пресуден во одлуката да се инвестира странски капитал?

-Во досегашните контакти со сите компании со кои сме разговарале, за волја на вистината не го поставиле ова прашање, но сметам дека овој сегмент е исклучително важен не само за привлекување на СДИ, туку и за функционирање на целата економија. Затоа, недвосмилено ги поддржувам напорите и активностите на Владата да влезе во цврста и решителна борбата со корупцијата на сите нивоа, без исклучоци, за да на таков начин се промени и самата перцепција во јавноста.

Македонија е рангирана на 47-то место според извршување на договори во неодамнешниот извештај на Светска банка со просечно времетраење од 634 дена за решавање на спор. За споредба, земја како Сингапур има просечно времетраење од 164 дена. Дали скратувањето на овој период, но и зголемувањето на довербата во македонскиот судски систем е нешто на што во моментов се работи?

-На ранг листата на Светска Банка за водење на бизнис – Doing Business 2020 нашата земја е рангирана на високото 17то место од 190 економии во светот. Извршувањето на договорите е само еден од индикаторите во подготовка на овој извештај на Светската Банка. Во регионална рамка, по однос на овој индикатор кој вие го споменавте само Хрватска котира подобро од нас, со Бугарија и Црна Гора сме на исто ниво, додека под нас се сите останати земји од регионот (Србија, Албанија, Грција, Словенија, БиХ), но и Швајцарија, Јапонија, Израел, Канада итн…Сепак, со ова не би сакал да ја релативизирам важноста на функционалноста на судскиот систем во спроведувањето на договорите. Напротив, ги поддржувам реформите кои се случуваат во правосудниот систем со цел да добиеме брзи, ефикасни, но пред се правични судски постапки.

Директорот на ТИРЗ искажа задоволство од новиот концепт на работење кој треба да донесе поквалитетни инвестиции кои носат високо платени работни места. Дали ова значи дека во блиска иднина можеме да очекуваме зголемување на платите на нашите работници во ТИРЗ ?

-Во последните 4 години минималната плата порасна од 9.000 на 15.200 денари, а просечната нето плата од 22.800 на 28.800 денари или за 6.000 денари во просек се зголемиле платите во последните 4 години. Ако на тоа се додаде рекордното ниско ниво на невработенсот од 16% кое е во моментот, тогаш според сите економски показатели и логиката на понуда и побарувачка јасно е дека има позитивно раздвижување на пазарот на трудот и дека сето тоа води кон пораст на платите во целост. Интенцијата за привлекување на СДИ со многу поголема додадена вредност во своето работење, покрај подобрување на перформансите на економијата во крајна линија е со цел да резултира и во зголемување на платите на работниците.

Подеднакво важно останува и прашањето до каде сме со процесот на создавање квалификувана работна сила, проблем кој во изминатите години беше акутен?

-Она на што се дава акцент во изминатиот период е зајакнување на средното стручно и дуалното образование со што покажуваме дека сакаме да градиме кадри кои ќе бидат квалификувани за потребите на бизнисот и индустријата. Мора да истакнам дека постоечките комапнии, но и потенцијалните инвеститори се задоволни од нивото на стручност на нашиот кадар.

Во наредниот период, заедно со Советот на странски инвеститори имаме договорено активности, во насока на зајакнување на соработката и со Универзитетите. Ова е од исклучителна важност ако се земе предвид  и фактот дека наредниот период сакаме да дадеме посебно значење и финансиска поддршка до 50% од вкупните трошоци  за истражувачки и развојни активности (R&D) на комапниите преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите со што очекуваме зголемена активност и дополнителен ангажман на високо стручен кадар со подобро платени работни места.

Дали и колкава подршка имате од градоначалниците? Колку владата ги охрабрува да се вклучат во процесот на привлекување инвеститори? Некои од нив веќе неколку пати ја истакнаа потребата од подобрување на стопанскиот амбиент во општината.

-Веднаш по моето стапување на функцијата директор инициравме регионални средби со градоначалници и локални бизниси. Идејата е преку заедничка соработка да се идентификуваат потенцијалите на општините но и на регионите, со цел привлекување на нови Greenfield инвестиции но искористување и на веќе постоечките капацитет со Brownfield инвестиции. Тоа ќе остане во нашиот фокус и понатаму затоа што соработката со локалната самоуправа е од исклучителна важност за спроведување на процесите кои ги опфаќаат странските директни инвестиции.Само на таков начин, со создавање на погодни услови за нови инвестиции, отварање на нови работни места со подобри услови за работа, подигнување на нивото на платите и генерално подобрување на условите за живот во локалните заедници се создаваат и реални предуслови за да се задржат нашите граѓани, а особено младите да останат, да работат и да создаваа нови вредности овде.

Може ли да откриете барем некоја од компаниите со кои во моментов се преговара да инвестираат во нашава земја?

-Во изминатиов период бевме во контакт со над 40 компании – заинтересирани потенцијални инвеститори, од кои 10 се позаинтересирани и сме во постојан контакт. Тоа се компании од Велика Британија, САД, Германија, Белгија, Холандија, Турција, Индија, Кина…..  претежно во делот на автомобилската индустријa, ИТ секторот, услужни дејности, туризмот, енергетиката, производство и преработка на земјоделски производи, храна и текстил. Во наредниот период очекувам официјализирање на неколку од нив што ќе значат стотина милиони евра нови инвестиции и неколку илјади нови работни места.

К.В.С.

Слични содржини