Инцидент во црногорскиот парламент, пратениците го нарекоа Џафери „терорист”

од desk2

Членови на црногорската партија Демократски фронт во Собранието на Црна Гора го нарекоа македонскиот спикер Талат Џафери „терорист“, обвинувајќи го дека пукал во македонските полицајци. На седницата на Цетиње црногорскиот парламент денеска го разгледуваше предлог-законот за ратификација на Протоколот за влез на земјава во НАТО, пренесе Макфакс.

На седницата присуствуваше и претседателот на македонскиот парламент, Талат Џафери. Како што јавуваат тамошните медиуми, во црногорскиот парламент се случил инцидент и конфликт меѓу пратеникот на Демократски фронт, Милан Кнежевиќ и Миодраг Вуковиќ од ДПС.

Кнежевиќ почнал да дофрла за време на излагањето на Вуковиќ, кога пратеникот од ДПС изјавил дека „е факт дека денес од шесте поранешни југословенски републики четири се во НАТО, и тоа го поставува прашањето пред оние две што се одлучиле поинаку, без разлика дали нивниот избор е правилен“.


„Ние сме убедени дека вистинскиот избор е сите да бидеме во НАТО“, истакнал Вуковиќ, кој бил прекинуван од Кнежевиќ додека зборувал.

Вуковиќ му порачал на Кнежевиќ дека нема да полемизира со него.

,,Ќе ти го скршам носот, бедо една”, му рекол Кнежевиќ на Вуковиќ.

Претходно лидерот на Нова српска демократија Андрија Мандиќ истакнал дека ДФ нема да го поддржи протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.Тој им приговарал на пратениците од ДПС, кои свечено го дочекале претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Тој е најпознат по носењето автомат и пукањето во македонски полицајци. Срам да ви е“, порачал Мандиќ.И пратениците од ДФ Јован Вучуровиќ и Милун Зоговиќ му порачале на Џафери дека бил член на терористичка организација.

Црногорскиот министер за надворешни работи, Срѓан Дармановиќ истакнал дека пратениците носат историска одлука, бидејќи Црна Гора првпат одобрува пристап на некоја друга држава во НАТО. Според него, пристапувањето на Македонија во НАТО е добра вест за целиот регион.

Пратеникот од ДПС, Обрад Станишиќ смета дека членството на Македонија во НАТО ќе даде полн придонес во стабилноста на Западен Балкан.

Членките на НАТО на 6 февруари потпишаа протокол за пристапување на Македонија во Алијансата. По ратификација на Протоколот за пристапување во парламентите на сите 29 земји членки на НАТО, земјава официјално ќе стане полноправна членка на Алијансата.

Слични содржини