Извештај на ОН покажува дека Израел намерно таргетирал новинари

Во нападот загинал фотографот на „Ројтерс“, Исам Абдала, а повредите на шест други новинари, меѓу кои и новинари на „Франс прес“ и на „Ал Џезира“.

од Бети Божиноска

Израелски тенк истрелал две гранати кон група меѓународни новинари јасно идентификувани како такви, прекршувајќи го со тоа меѓународниот закон,“ покажува извештајот од неодамна спроведената истрага на ОН.

Инцидентот се случил во Либан во средината на октомври.

Заклучоците, објавени вчера на „Ројтерс“, се дел од извештајот на седум страници од 27 февруари. Тие се совпаѓаат со она што агенцијата сама го утврдила додека ги истражувала смртта на својот вработен Исам Абдала и повредите на шест други новинари, меѓу кои и новинари на „Франс прес“ и на „Ал Џезира“.

Извештајот бил подготвен од Привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ), мировната мисија распоредена на границата меѓу Израел и Либан во 2006 година како дел од договорот што стави крај на израелската окупација на јужниот дел на нејзиниот сосед. Дел од нивниот мандат се и следењето и истрагата за претпоставените прекршувања на примирјето.

Нападот се случил на 13 октомври, во првите денови на израелската опсада на Појасот Газа како одмазда за крвавиот напад на палестинската милитантна група Хамас. Тензиите се зголемија и на границата со Либан, со спорадични напади од Израелските одбранбени сили (ИДФ) и милитантите на Хезболах.

Абдала, фотограф на „Ројтерс“, бил дел од група новинари кои ја покриваа ситуацијата од еден рид во Либан. Еден од тенковите „меркава“ на ИДФ истрелал кон нив две гранати, се потврдува во извештајот на УНИФИЛ, кој го нареќе нападот прекршување на примирјето за кое има мандат да го одржува и на меѓународното право.

„Се проценува дека немало размена на оган преку Сината линија во моментот на инцидентот. Не е позната причината за нападот врз новинарите,“ се наведува во извештајот, алудирајќи на де факто границата.

Коментирајќи ја истрагата на ОН, портпарол на ИДФ изјави дека израелските сили не ги таргетираат намерно цивилните цели, вклучувајќи ги и новинарите, и додаде дека инцидентот го истражува и Механизмот за утврдување факти и проценки на Генералштабот – тело одговорно за истрага на вонредни настани.

„Ројтерс“ ги објави своите сознанија на почетокот од декември, засновајќи ги на директни сведоштва, форензичка анализа на доказите најдени на местото на инцидентот и на интервјуа со официјални лица.

Слични содржини