Јаневска: Ако сакаме потенцијален стручен кадар за фирмите, повеќе од потребно е практичната обука да се регулира со Закон

од Ивана Рамаданова

Ако сакаме да имаме вешти и стручни ученици како потенцијален стручен кадар за фирмите повеќе од потребно е практичната обука да се регулира во Законот за стручно образование и обука и истовремено да се постигне хармонизација со останатите законски прописи, смета Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија.

Според неа, успешно средно стручно образование нема без реализирање пракса во компаниите, а искуството на терен покажува дека компаниите по неколку основи се соочуваат со проблеми при реализирање на праксата.

„Првенствено не е дефиниран опфатот (должината) и времето на реализација на практичната обука кај работодавачот. Во постоечкиот закон за стручно образование и обука е дефинирано дека практичната обука се спроведува кај работодавач и за таа цел, компаниите треба да исполнат одредени барањата за простор, опрема и персонал за да можат учениците да ја реализираат практичната обука“, смета Јаневска.

Во Законот, како што потенцира, не е предвидено колку ќе трае практичната обука и пради тоа во најголем број случаеви практичната обука во компаните (кај работодавач) се реализира само по неколку часа во текот на денот, по одржување на два до три часа настава во училиштата, истиот ден. Таквиот модел не само што не е функционален, туку е и неефикасен и неприфатлив за компаниите.

„Не се хармонизирани Законот за стручно образование и обука и Законот за безбедност и здравје при работа. Со надминување на првиот проблем, дополнително во Законот за стручно образование и обука, потребно е да се допрецизира целокупниот процес на безбедност и заштита при работа за учениците кои реализираат практична обука во компаниите. Воедно, не постои законски основ за спроведување задолжителни здравствени прегледи кај учениците кои реализираат пракса во фирмите за специфични квалификации“, додава Јаневска.

За компаниите каде постојат специфични квалификации на работни места, според мислењето на Јаневска, од особено значење е законски да се регулира дека, учениците кои се запишуваат во средните стручни училишта за конкретни квалификации мора да поминат задолжителни лекарски прегледи.

„Не е регулирано на чиј товар се трошоците за реализација на практичната обука. Ако сакаме квалитетна практична обука, мора да имаме на ум дека процесот изобилува со многу трошоци, што подразбира реализација на обуки за учениците за безбедност при работа; превоз и храна на учениците каде реализираат практична обука; осигурување на учениците; здравствени лекарски прегледи на учениците и опремување на лаборатории и училници во училиштата. Затоа неминовно е со посебен член во Законот за стручно образование и обука да се уреди кои ќе ги покрива трошоците за определени активности“, потенцира Јаневска.

Според неа, конечно мора да започне имплементацијата на членот 15 од постоечкиот Законот за стручно образование и обука со кој работодавачот има право да се стекне со финансиски, царински и даночни олеснувања, но и истиот да обезбеди надоместок за ученичката работа по примерот како што тоа го прави ЕВН Македонија.

Слични содржини