Јавна и стручна расправа за урбанистичкиот план за градби од државно значење за интерконекторот со Грција

од Vladimir Zorba

Во септември ќе се организира јавна и стручна расправа за Урбанистичкиот план за подрачја и градби од државно значење за интерконективниот гасовод со Грција.

Од „Национални енергетски ресурси” (НЕР) денеска информираа дека урбанистичкиот план ќе биде достапен на увид од 17 до 18 септември на веб страната на Министерството за транспорт и врски, како и на електронскиот систем Е-урбанизам и на веб страните на општините Неготино, Демир Капија, Богданци и Гевгелија.

Исто така, во хартиена форма примерок од урбанистичкиот план ќе биде изложен на увид и проверка на широката јавност во просториите на Министерството за транспорт и врски и во општините Неготино, Демир Капија, Богданци и Гевгелија.

Јавната расправа ќе се одржи на 20 септември, а стручната расправа на 28 септември. Двете расправи ќе се одржат во просториите на Министерството за транспорт и врски од 10 часот.

– Учесниците во стручната расправа можат да ги достават своите забелешки најдоцна во рок од 15 дена од одржувањето на стручната расправа. Забелешките ќе бидат составен дел на записникот од стручната расправа, врз основа на кој се изготвува извештај од стручната расправа, што го изработува стручна комисија формирана од донесувачот на планот, стои во соопштението од НЕР.

Слични содржини