Јавното обвинителство ги отфрли наводите на Антикорупциска за работење под притисок

од Nikola Popovski

Јавното обвинителство ги отфрла паушалните наводи за притисоци и влијанија и истакнува дека времето потребно за утврдување на фактичката сосотојба во предметите не е соодветен критериум за оценка на постапувањето на јавните обвинители. Работата на јавното обвинителство може да се цени само врз основа на сериозноста и квалитетот на доказите од кои произлегува јавнообвинителската одлука.

Ова за МИА го изјавија од Јавното обвинителство, во врска со денешната изјава на претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Билјана Ивановска, која рече дека ЈО сè  уште работи под притисок, од, како што посочи, две причини – првата е што за некои предмети сè уште нема одговори, а втората е дека за некои предмети, пак, добиваат многу брзи одговори.

– Јавното обвинителство во сите предмети во кои постапува, вклучувајќи ги и оние оформени по претставка од Државната комисија за спречување на корупцијата, ги презема сите потребни дејствија за утврдување на фактите и за проверка на наводите. Во секој предмет се постапува одделно и по прибирање на материјалните и вербалните докази се донесува јавнообвинителска одлука. Времето потребно за комплетирање на предметот и донесување на јавнообвинителската одлука зависи од сложеноста на самиот предмет, како и од обемот на доказите кои се прибираат. Оттука, во предмети во кои наводите очигледно не содржат индиции за кривични дела или во кои прибраните докази директно упатуваат на сторено кривично дело, јасно е дека и јавнообвинителската одлука се носи за пократко време, посочуваат од ЈО за МИА.

Слични содржини