Како се честита и слави Рамазан Бајрам

од Сенада Ибраимова

Муслиманите ширум светот утре – 10 април го слават најголемиот празник Рамазан Бајрам.

Рамазан Бајрам е еден од двата најважни празници во исламскиот календар. Празникот започнува со посебна Бајрамска молитва (намаз), која генерално ја извршува целата заедница на отворен простор наречен „мусала“.

Покрај јавната молитва, други важни елементи на овој празник се убаво облекување (најчесто нова бајрамска облека, посебно за децата), посета на повозрасните роднини и пријатели и секако честитање меѓу блиските.

Овој празник најчесто се честита со: „Бајрам шериф мубарек олсун“, што од турски значи „Нека е благословен благородниот празник“, а одговорот на оваа честитка е: „Аллах рази олсун“, што во превод значи: „Нека е Господ задоволен“.

Почетокот на Бајрам го означува и ширењето на радоста и среќата во семејството. Во деновите на Бајрам се јаде во знак на поклонување на Алах по едномесечниот пост, додека видовите на храна кои го карактеризираат овој празник се сарма и баклава.

Составен дел на празникот се посетите на семејството и роднините, а децата добиваат слатки или подароци. Се слави три дена.

Првиот ден од Бајрам се поминува во кругот на семејството кое се собира со најстарите членови, а утрото се посетуваат гробиштата, па се одбележува и како Ден на мачениците (паднатите борци).

Другите денови  се наменети за дружење со пријатели и познаници.

На Рамазан, или Фитр Бајрам, му претходат 29 или 30 дена пост, при што верниците се воздржуваат од храна и пијалоци од изгрејсонце до зајдисонце, како и од лоши мисли и постапки, месец кој важи за најсвет, кога верниците духовно се прочистуваат.

Слични содржини