Калеска-Ванчева: Разговорите за промена на химна и знаме никогаш не биле дел од коалицискиот договор со ДУИ

од Nikola Popovski

Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева го коментираше вчерашното интервју на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој ги стави на маса темите за знамето и грбот на земјава.

„Такво нешто не разговарано ниту во Влада, ниту во СДСМ, ниту таков предлог стигнал. Не верувам дека разговорите се почнати или дека треба да започнат. Овој предлог никогаш не бил дел од било каков коалициски договор. Стојам на ставот дека за такво нешто не треба да дискутираме“, изјави Ванчева за емисијата „Топ тема“.

Од Кабинетот на Заев за „Локално“ соопштија дека ниту со премиерот Заев не е разговарано за промена на знаме, грб или химна на државата.

„Во изјавата на г. Ахмети не забележавме дека тој изјави дека наводно било разговарано со премиерот Заев или со било кој друг претставник на политичките субјекти во власта. Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“, се додава во реакцијата.

„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“, изјавил лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за „Клан Македонија“.

Слични содржини