Ќе биде наменета за најпогодените: Од февруари ќе се реализира новата владина помош

од Берта Китинска

Владата креира нов пакет на економски мерки за граѓаните и компаниите за справување со последиците од коронакризата.

Петтиот сет економски мерки, со кој ќе бидат поддржани најпогодените компании. За оваа намена во Буџетот за 2021 година се обезбедени 50 милиони евра. Реализацијата на Петтиот сет економски мерки согласно плановите ќе започне во февруари, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување на 24 Анализа на Телевизија 24.

„Првично обезбедивме Буџет за 2021 година во П1 програмата преку која се спроведуваат мерките за Ковид 19 и имаме обезбедено 50 милиони евра. Мерките веќе ги дизајниравме и ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници и слично“ кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека мерките како и досега ќе се креираат во соработка со Стопанските комори во рамки на јавно-приватниот дијалог.

„Сите мерки и предлози ќе бидат дискутрани со Стопанските комори, ќе ги собереме сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, во согласност со нашите планови и динамика ќе излеземе со мерките и ќе почнеме да ги реализираме“ кажа министерот.

Премиерот Зоран Заев претходно рече дека во буџетот за 2021 има проектирано средства за државна помош и дека она што ќе биде консултација со коморите, синдикатите и сите чинители како и до сега, ќе го дизајнира и петтиот пакет на економски мерки.

„Нови пакет мерки ќе има, кризата ќе опстојува најмалку до првиот квартал. Доколку коморите сметаат дека мерката за субвенционирање на плати е добра ние ќе ја поддржиме, дополнително доколку сметаат дека други видови на мерки за нив се подобри и се поважни ќе ги разгледаме. Нашите очекувања се дека првото полугодие од следната година ќе биде и излез од оваа криза генерално и затоа е важно да се дискутира. Владата ќе развие нови пакети врз основа на социјален дијалог во кој се вклучени и компаниите и работниците преку синдикатите. До сега имаме разбирање, за одредени случаи и ние нудиме административна помош сé со цел компаниите да ги искористат средствата за плати за работници и работни места“, изјави неодаман Заев.

 

Слични содржини