Ќе има измени на законот, граѓаните го искористија можеби последниот викенд без маски на отворено

од Берта Китинска

Во очекување на евентуално нови рестриктивни мерки, граѓаните го користеа можеби последниот викенд без маски на отворено.

Комисијата за заразни болести, како што во петокот на Фејсбук најави министерот за здравство Венко Филипче, денеска би можело доколку е потребно, да и предложи на Владата дополнителен пакет мерки. Меѓу другото, можно е да биде предложено „целосна забрана за сите настани“ и „крај на работното време на сите економски оператори во 23 часот“, напиша Филипче.

Предлог-мерките за заштита од Ковид-19, како што е задолжително носење маски на отворено, забрането групирање по 22 часот на јавни места за повеќе од четворица и забрана за поголеми семејни собири се веќе доставени во Собранието. Се очекува оваа недела пратениците да ги изгласаат потребните измени во Законот за заштита од заразни болести, и истите да се реализираат.

Министерот за здравство, Венко Филипче, појасни дека очекува оваа недела да се изврши амандманска интервенција во законот и дека за кратко време овие мерки да бидат донесени.

-Со амандманска интервенција практично ќе имаме можност веќе следната недела да интервенираме во самата постапка и законот верувам дека за кратко време со оглед на тоа што е донесен да биде по скратена постапка, дека ќе се реализира. Се изнуди таква ситуација да мора да се интервенира во законот поради тоа што дел од уредбите, препораките за носење на заштитна опрема во надворешна средина се ставени во Уредбата со законска сила којашто беше изгласана и донесена на крајот на вонредната состојба, изјави викендов Филипче.

Најмногу новозаболени има повторно во Скопје 200, следуваат Тетово со 30 и Прилеп со 29 новорегистрирани случаи. Во болниците во земјава во моментов се хоспитализирани 475 пациенти позитивни или суспектни на ковид-19. Од нив, само двајца се на респиратор и тие се хоспитализирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Таму вкупно се сместени 45 пациенти.

Според извештајот на Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 23628, а оздравени се вкупно 17239 пациенти. Починати се 834 лица, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 5555.

Полицијата во текот на изминатото деноноќие за неносење маска регистрирала 702 прекршоци.

 

Слични содржини