КК Работнички демантира: Клубот е во стабилна финансиска состојба и редовно ги сервисира финансиските обврски и побарувања

од Nikola Popovski

Кошаркарскиот клуб „Работнички“ ги отфрла како неточни и непроверени информациите што се појавија во одредени спортски медиуми во земјата, а се однесуваат на финансиската ситуација на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб.

„КК „Работнички“ изминатиот период, за разлика од некои други, не толку дамнешни времиња, е во стабилна финансиска состојба и редовно ги сервисира финансиските обврски и побарувања, како кон играчите и членовите на стручниот тим, така и кон надворешните соработници. Сите фанови и навивачи на најтрофејниот КК „Работнички“ се сеќаваат на времето кога долговите на клубот се броеја во десетици милиони денари, а освоените пехари и трофеи од домашните и меѓународните натпреварувања служеа како саксии за садење цвеќе на минатите управи“, велат од клубот.

Според нив, одлуката за промена на играчкиот кадар во клубот за тоа кој играч доаѓа, а кој си оди е исклучиво одлука на самиот клуб и на никој друг.

„КК Работнички е симбол на градот, важна спортска институција и како таква, е наша македонска спортска гордост. Апелираме до сите засегнати страни пред информациите да ги пласираат во јавност, да обрнат внимание на фактите и на вистинитоста на наведените податоци, со што би се заштитил пред сѐ клубот, стручниот кадар и играчите, но и генерално – македонскиот спорт и македонската кошарка“, стои во клупското соопштение.

Ова следува откако низа медиуми објавија дека клубот е пред финансиски колапс, откако остана без уште еден од странските кошаркари. Девон Ламар Вашингтон повеќе не е член на Работнички и до крајот на сезоната ќе го носи дресот на грчкиот прволигаш Лариса, објавија медиумите кај нашиот јужен сосед.

Вашингтон беше еден од најдобрите кошаркари на „црвено-белите“ оваа сезона, во АБА 2 лигата постигнуваше просечно по 15,8, а во домашното првенство по 14,2 поени по натпревар. Тој веќе има искуство од играње во грчката лига бидејќи во сезоната 2018/19 беше член на Кимис.

Слични содржини