Ковачевски ја потврди Лукаревска како носител на листа

од Nikola Popovski

Покрај Димитар Ковачевски, засега е познато дека и Сања Лукаревска ќе биде носителка на една од изборните листи на СДСМ за парламентарните избори. Сепак не е познато во која изборна единица ќе се најде потпретседателката на СДСМ и директорка на УЈП.

-Никој никаде не е преместен. Сите наши видни членови вршат функции кои имаат државно значење. Лукаревска е заменик претседател на партијата и директор на УЈП, исклучително чесно и одговорно ја извршуваше својата работа во текот на мандатот и тоа многу јасно се гледа од анкетите, така што таа сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но во која, тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот. Состаноците ќе бидат во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ова е статутарна процедура, не е првпат, туку вака се одвива изборот на кандидати за пратеници и носители на пратенички листи од првите избори. Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања откако засади дрвце во Капиштец, во рамки на акцијата на Општина Центар по повод Денот на пролетта.

Имињата на останатите носители и кандидатите за пратеници ќе бидат познати во сабота на Конгресот на партијата во Скопје.

Ковачевски со став дека партиите одлучуваат за коалиции и пред, но и по избори, одговарајќи зошто СДСМ нема да коалицира со ДУИ и со други партии во Европскиот фронт. Најави дека дел од политичките партии што имаат една заедничка цел, брза интеграција на Македонија во Европската Унија, ќе потпишат коалициски договор.

ВМРО-ДПМНЕ ги обелодени носителите на листите во изборните единици, освен за 5-ката. СДСМ на конгрес в сабота ќе ги претстави своите кандидати. Главната битка очекувано во првата изборна единица, каде што ќе се соочат Ковачевски и Мицкоски. Партиите од албанскиот блок фокусирани на 6-ката. Листите на кандидати за пратеници во Собранието до Државната изборна комисија се доставуваат најдоцна на 2-ри април до полноќ, односно 35 дена пред денот на одржување на изборите. Кампањата за парламентарните избори почнува на 18-ти април и ќе трае до 6-ти мај на полноќ.

Слични содржини