Кризната состојба во енергетиката продолжена до април 2023

од Nikola Popovski

На предлог на Владата, Собранието на Северна Македонија ја продолжи кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија низ државата и топлинска енергија во Скопје до 30 април 2023 година.

Пратениците во Собранието со мнозинство гласови донесоа две одлуки за продолжување на едномесечната кризна состојба во енергетиката, која владата на Димитар Ковачевски ја донесе на 1 септември, за да има дополнителни механизми за полесно справување со енергетска криза.

Тогаш беше објаснето дека кризната состојба е воведена поради недостигот на струја и состојбата на пазарот на електрична енергија, како и недостигот на топлинска енергија, можноста за користење алтернативно гориво и состојбата на пазарот.

Претходно, во ноември минатата година, во Северна Македонија за првпат беше прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија за да може државата да интервенира од буџетот за зголемување на ликвидноста на енергетските компании за производство и пренос на електрична енергија, ЕСМ и МЕПСО и да увезува струја во случај на евентуални хаварии во електрани.

Владата на Зоран Заев на 9 ноември 2021 година прогласи кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена, по што со одлука на Собранието беше продолжена до 9 јуни 2022 година „поради недостиг на струја и состојба на пазарот на електрична енергија“.

Слични содржини