КУНАТА ЗАМИНА ВО ИСТОРИЈАТА: Хрватска денеска стана дел од Шенген

од Vladimir Zorba

Хрватска на полноќ стана 27. членка на Шенген зоната, како и членка на еврозоната. Од полноќ куната замина во историјата, а еврото е официјална валута на таа земја.

Укинати се граничните контроли на копнените и поморските гранични премини во Хрватска кон членките на ЕУ, а на 26 март ќе бидат укинати и ограничувањата за воздушниот сообраќај.

Шенген зоната, која се прошири за да ја вклучи Хрватска за прв пат по десет години, сега вклучува 23 од 27-те членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

Бугарија и Романија, кои не добија одобрение од другите членки на почетокот на декември, како и Кипар и Ирска, не се во Шенген зоната.

Шенген зоната зафаќа повеќе од четири милиони квадратни километри и досега броела околу 420 милиони луѓе.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ го посети граничниот премин Брегано и заедно со неговата словенечка колешка Сања Ајановиќ Ховник симболично ја подигна рампата на границата.

– Нема повеќе граници кои предолго стоеја меѓу нас и нашите соседи, природната средина на која и припаѓаме како народ и како држава. Затоа овој чин е повеќе од укинување на граничните контроли. Тоа е конечна афирмација на нашиот европски идентитет, за кој се бореа и на крајот победија генерации Хрвати – рече Божиновиќ.

Слични содржини