Лавовите во зоолошката во Барселона ја победија короната

од Vladimir Zorba

Четирите лавови во зоолошката градина во Барселона, кои беа заразени со коронавирус во ноември, се опоравија од инфекцијата, соопштија оттаму

Во ноември, ветеринарите забележаа благи респираторни проблеми кај три 16-годишни женки и еден четиригодишен мажјак, се вели во соопштението од зоолошката градина.

Се додава дека лавовите биле третирани според клинички протокол сличен на грипот.

Животните примале антиинфламаторна терапија и биле под строг ветеринарен надзор.

Од зоолошката градина изјавија дека лавовите добро реагирале на терапијата и брзо застанале на шепите.

Администрацијата на градината тогаш контактирала меѓународни ветеринарни експерти во Соединетите држави, односно зоолошката градина во Њујорк, која е запознаена со случајот на инфекција со коронавирус кај семејството мачки.

Тигар од зоолошка градина во њујоршката населба Бронкс беше заразен со коронавирус во април.

Случаи на коронавирус се пријавени ширум светот кај животни – мачки, кучиња и визони.

Засега не е познато дали заразениот визон може да ја пренесе инфекцијата на луѓето и поради тоа е наредено превентивно убивање на тие животни на фармите во Данска.

Слични содржини