Лавров за дијалогот со САД: Москва сама ќе ги одреди црвените линии

од Stefanija Kuzmanovska

Во дијалогот со Соединетите држави, Москва сама ќе ги одреди црвените линии, вклучително и сферата на стратешката стабилност, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Ќе ги утврдиме темите на кои ќе ни биде понудено да соработуваме и формите на таквата соработка. А црвените линии што нема да ги преминеме за време на дискусијата за меѓународната агенда ќе ги утврди Руската Федерација. Ова целосно се однесува на прашањето за стратешка стабилност“, изјавил Лавров на прес-конференција, пренесува „РИА Новости“.

Тој истакнал дека Москва повеќепати го изразила својот пристап кон оваа тема.

„Сè што на еден или друг начин влијае на стратешката стабилност – нуклеарно и ненуклеарно оружје, офанзивно и дефанзивно оружје, сè што влијае на стратешката стабилност треба да биде на преговарачката маса. Американците го знаат нашиот пристап“, рече Лавров.

Лавров исто така изрази надеж за професионален разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Рејкјавик.

„Очекувам професионален разговор што ќе помогне да се разјаснат специфичните намери на Соединетите држави во врска со односите со нас и со оглед на нивната позиција за меѓународните прашања што на еден или друг начин влијаат на нашите интереси“, додаде Лавров.

Предвиден е состанок меѓу Лавров и Блинкен на маргините на Арктичкиот совет во Рејкјавик, што ќе се одржи следната недела.

Слични содржини