Лукашенко злоупотребил пари од ЕУ фондовите за изградба на луксузни резиденции?

од Vladimir Zorba

Дали белорускиот владетел Александар Лукашенко злоупотребил пари од фондовите на Европската унија? Обвинението беше изнесено оваа недела на белорускиот опозициски канал „Некст“. Содржината има над четири милиони прегледи на Јутјуб, што е рекорд за ваква содржина во Белорусија.

Во еден дел од филмот „Златен рудник“ се наведува дека средствата на ЕУ уплатени на Белорусија за напори за заштита на животната средина, всушност биле искористени за изградба на четири резиденции на Лукашенко во природните резервати.

Филмот содржи снимка на машки глас – наводно службеник од претседателската канцеларија на Лукашенко – во кој се вели дека европските пари биле искористени за реновирање на шеталиштето на реката Западна Двина, за изградба на фонтани и за реновирање на плоштад во градот Витебск. Освен таа снимка на наводниот соработник на Лукашенко, не беа презентирани други докази за обвинувањата.

Новинарите на „Некст“ исто така наведуваат дека луѓето блиски до Лукашенко ги користеле заемите што Белорусија ги добила за проекти со цел да изградат станбени згради и да продаваат станови со дебел профит. Профитот наводно завршил кај Лукашенко и неговите соработници. Но, ниту еден доказ не е презентиран за тоа обвинување.

Степан Путило, блогер и основач на „Некст“, за ДВ изјави дека некои од документите до кои дошле не можат да бидат објавени поради заштита на изворите. Тој најави дека ќе има нови откритија.

Во Брисел негираат

„Недозволиво е да се злоупотребуваат фондовите на ЕУ за Лукашенко да се збогати лично“, изјави за ДВ, Виола фон Крамон, европратеничка на германските зелени. Таа најавува дека ќе предложи собраниска проверка.

Но, официјален Брисел ги отфрли „претпоставките“ на медиумите дека „фондовите на ЕУ се користат за згради или живеалишта што ги користи режимот на Лукашенко“. Ова се „целосно неосновани“ обвинувања, изјави за ДВ, Ана Писонеро, портпарол на Европската комисија.

Од официјален Минск молчат. До затворањето на овој текст, Министерството за надворешни работи таму не одговори на барањето на ДВ.

Европската унија долго време финансираше проекти во поранешната советска република. Тие се движат од здравствени реформи и регионален развој до помош на граѓанското општество. Секој од десетиците проекти тежи од неколку стотици илјади до неколку милиони евра. ЕУ работи сè повеќе со Минск од укинувањето на санкциите против Белорусија во 2016 година.

Кој ги контролира паричните текови?

Белоруската опозиционерка и активистка Олга Карач вели дека европските пари доаѓаат затоа што Лукашенко успешно го „изманипулирал“ Брисел презентирајќи финансиска поддршка како средство за зајакнување на независноста од Русија.

Таа верува дека наводите за перење пари се точни. „Кој треба да го контролира трошењето пари?“, прашува таа. „Ако оние што одобруваат пари зборуваат за корупција во Белорусија, веднаш ќе бидат истерани од земјата“, рече Карач. Белорусија нема стандарди во борбата против корупцијата.

Но, во Брисел велат дека сите овие обвинувања се паушални. Постои „внатрешна и надворешна контрола“ за сите плаќања од ЕУ, вели портпарол на Европската комисија.

Европратеникот фон Крамон вели дека не би било чудо ако парите во Белорусија завршат во приватни џебови затоа што, на крајот, проневера се случува и во членките на ЕУ како Унгарија и Чешка. Фон Крамон смета дека украдените средства треба да бидат вратени во бриселската каса – доколку се покажат точни обвинувањата.

Откако Лукашенко прогласи убедлива победа на изборите минатиот август и брутално ги задуши протестите на опозицијата, Европската унија ја сведе на минимум соработката со Минск. Финансиската помош сега тече само во областите на животната средина, младите, граѓанското општество и медиумите.

Слични содржини