Македонија ја претрка Европската комисија во заштитата на новинарите

од desk4

На почетокот на наредната недела, во вторник на собраниска седница ќе се најде Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик во прво читање. Законот кој е трета точка на 51 седница е со европско знаменце.

Во дел од новите измени во Кривичниот законик нападот врз медиумски работник ќе се третира како напад врз службено лице за време на вршење на професијата. Сторителот ќе биде гонет од страна на Обвинителството, а казните ќе бидат повисоки. Законските измени пред се ќе се носат поради зголемениот број на вербални и физички напади кон новинарите и медиумските работници низ целата наша држава.

На пример од вкупно 14 регистрирани напади кои се случиле во текот на минатата година, само еден завршил со институционална разрешница.

Според измените Обвинителството и МВР во случај на закани по животот на новинарите, на медиумските работници и на членови на нивното семејство, преку фејсбук, твитер или други интернет платформи, по службена должност треба да ги гонат сторителите на овие дела,  а не како до сега новинарот сам со приватна тужба да се справува со нив.

Вчера и Европската комисија ги повика земјите членки да ги заштитат своите „новинарски пера“. Во предлогот на Комисијата се бара сите кривични дела против новинарите решително да се истражат и гонат, а заканите да бидат поуспешно откриени и сузбиени. Особено, во овие случаи соодветните национални власти за сајбер безбедност треба да го олеснат пристапот до услугите на форензичките истражители во областа на сајбер безбедноста.

– Мораме да ги поддржиме и заштитиме новинарите бидејќи тие се столбот на демократијата. Денес бараме од земјите членки да преземат решителни мерки за да ја направат Унијата побезбедно место за новинарите, рече еврокомесарката Вера Јурова.

Минатата година во Европската Унија имаше повеќе од 900 физички напади врз новинари, почнувајќи од убиства, вербални напади и закани на Интернет. Затоа, Европската комисија предложи мерки за зголемување на безбедноста на новинарите низ целата Унија.

Земјите членки се охрабруваат да ги усвојат и спроведат овие мерки. Меѓу другото, Јурова  повикува на поголема заштита на новинарите за време на демонстрациите, поголема безбедност на Интернет и посебна поддршка за женските новинарки, меѓу кои, според едно истражување, дури 73 проценти изјавиле дека биле изложени на сајбер -малтретирање за време на нивната работа. Се предлага да се воспостават еден вид „безбедни куќи“, засолништа за новинарите кои се соочуваат со физички закани.

Во македонската верзија, во однос на заштита на новинарите, која Владата ја усвои на 27 јули оваа година, се предлагаат построги казни за кривични дела убиство, спречување службено лице во вршење службено дејствие, загрозување на сигурноста и присилба.

„Со член 6 ставот 8 се предвидува квалифициран облик на кривичното дело „Убиство“ за убиство на новинар или друг медиумски работник. Истото е сторено и кај кривичното дело „Присилба“ (член 11 став од Предлогот),за кривичното дело „загрозување на сигурноста“ (член 15 став 4 од Предлогот), како и за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ (од член 31 од Предлогот), пишува во Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик“.

Министерот за правда Бојан Маричиќ неодмна рече дека со измените, казната затвор за физички напад и за вознемирување на новинарите, може да биде до три години. Тој посочи дека со законските измени новинарите ќе бидат заштитени од секаков вид на напади без разлика дали се вербални, физички,  социјалните мреќи или преку било какви други електронски комуникациски средства, телефонски пораки и се она што подразбира комуникација. Маричиќ не очекува опозицијата да го блокира предлог – законот во Собранието.

– Во овој процес правевме широки консултации и со пратеници од опозицијата и со граѓански организации кои што стојат зад овие измени. Би било навистина несоодветно, дури и нецивилизирано да се блокираат овие измени бидејќи се апсолутно во јавен интерес и во интерес и на новинарската професија. Ова се крајно неспорни измени и не би требало да предизвикуваат разлики, дури иако не е потребно дво третинско мнозинство, јас не би се изненадил и не треба да биде поинаку -опозицијата да го поддржи овој закон во Собранието, рече Маричиќ.

Во однос на законското решение за заштитата на новинарите, биле консултирани компаративни искуства од други држави и тие искуства соодветно биле преземени во нашиот Кривичен законик. За таа цел, бил користен документот „Анализа и препораки за измена на Кривичниот законик на Република Македонија за зголемена заштита на новинарските екипи при вршењето на нивната професионална должност“.

Б.Т.

Слични содржини