Макрон: Ќе продолжам да одам насекаде, не смееме да попуштиме на насилството

од Vladimir Zorba

Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека насилството е некомпатибилно со демократијата и дека, без оглед на вчерашниот инцидент, тој ќе продолжи да комуницира директно со граѓаните во јавност.

Откако вчера беше удрен со шлаканица од граѓанин при посетата на југоисточниот дел на Франција, Макрон изјави дека го разбира незадоволството на граѓаните, но дека насилството е целосно неприфатливо во демократска држава.

„Го разбирам гневот на граѓаните. Јас го прифаќам фактот дека постои гнев што граѓаните мора легитимно да го изразат. Јас сум во редовен контакт со луѓе кои изразуваат гнев и вознемиреност во врска со одредени одлуки, и секогаш сум тука за да го слушнам тоа и понекогаш можам да дадам одговори на прашања, но понекогаш не. Сепак, насилството е целосно неприфатливо, особено во демократијата “, рече францускиот претседател.

Тој додаде дека и покрај инцидентот, сепак ќе биде среќен да разговара со граѓаните во јавност.

„Ќе продолжам да одам насекаде. Не смееме да попуштиме на насилството, а особено насилството врз јавните службеници. Не треба да трошиме премногу време на ова“, рече Макрон.

Францускиот претседател, кој е на турнеја за да го почувствува „пулсот на земјата по пандемијата“, беше удрен со шлаканица за време на прошетка на југот на Франција, додека ги поздравуваше граѓаните.

По инцидентот, полицијата го уапси 28-годишниот Дамиен Тарел, кој му удри шлаканица на Макрон и кој, според истражителите, не и бил познат на полицијата пред ова. По тој повод беше уапсен и неговиот пријател кој го сними целиот инцидент.

Обвинението за напад на јавен службеник во Франција предвидува максимална затворска казна од три години и парична казна од 45.000 евра.

Слични содржини