Макрон сака проширување на ЕУ: „Мораме да се движиме многу побрзо“

од Vladimir Zorba

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во Гранада дека сака побрзо проширување на Европската унија (ЕУ), но дека засега земјите-членки не донеле никаква одлука.

„Убедени сме дека треба да одиме многу побрзо“ по ова прашање, изјави Макрон по неформалниот самит на ЕУ во Гранада, додавајќи дека е за поставување „амбициозна и прецизна цел“.

Сепак, засега е „премногу рано и не е донесена одлука“, додаде францускиот претседател.

Оваа есен, Европската комисија треба да ги претстави своите препораки за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, кои добија кандидатски статус во јуни 2022 година.

Кандидати за членство се и пет земји од Западен Балкан.

„Постои се поголем консензус дека се соочуваме со вистинска трансформација… на нашата геополитичка визија за Европа“, рече Макрон.

Според него, ЕУ треба да биде иновативна.

„Неколку од нас (во ЕУ) предложивме метод и нова амбиција за проширување“, додаде францускиот претседател.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на крајот на август потврди дека ЕУ мора да биде подготвена да интегрира нови членки до 2030 година.

Слични содржини