Мамка за поголема излезност на изборите: Бесплатно пиво, такси и здравствени прегледи за гласачите во Индија

од Симе Стоиков

Во индискиот град Бангалор се досетија како да го зголемат одзивот на гласачите – со бесплатно пиво и бесплатно возење со такси. Како што пренесува Би-Би-Си, овој град кој се наоѓа во индиската држава Карнатака е познат по тоа што има слаба излезност на изборите.

Токму затоа, на општите избори, кои се одржуваат во неколку фази до почетокот на јуни, бројни компании решија да ги поттикнат гласачите да излезат на гласачките места. Така, хотелите, такси-службите и другите компании најавија бројни иницијативи за да ги поттикнат луѓето да гласаат.

Тие вклучуваат бесплатно пиво, возење со такси со попуст, па дури и бесплатни здравствени прегледи. Во некои продавници, клиентите треба да го покажат прстот обоен со неизбришливо мастило како доказ дека гласале за да добијат попуст.

Општите избори ќе се одржат во Бангалор утре (петок) во рамки на втората од седумте фази на гласањето. Во средата, државниот Врховен суд и дозволи на хотелската асоцијација да обезбедува храна бесплатно или по намалени цени се додека не се прекршат изборните правила.

Различни хотели и ресторани ќе обезбедат различни капацитети за гласачите врз основа на нивната сопствена одлука, изјави ПЦ Рао, претседател на хотелската асоцијација, за локалниот дневен весник Бангалор Мирор и продолжи:

– Додека некои од овие места ќе обезбедат бесплатно кафе, доса [палачинка од оризово брашно и леќа] и овошен сок за да ја победат неподносливата топлина, некои од местата ќе даваат попусти на храна или ќе имаат некои други примамливи понуди.

На последните општи избори во 2019 година, урбаната изборна единица Јужна Бангалор забележа најмала излезност во државата Карнатака со „само“ 53,7 проценти од гласачите. Излезноста беше исто така ниска во Бангалор Централ (54,3 проценти) и Бангалор Север (54,7 проценти) во споредба со вкупната излезност на државата од 68 проценти.

Повеќето компании почнаа да ги охрабруваат жителите да гласаат минатата недела, но ги објавија понудите дури по одобрувањето од судот во средата.

Слични содржини