Маричиќ ја остава отворена вратата за ВМРО-ДПМНЕ: „Има таму луѓе кои сакаат да разговараат за уставните измени“

од Nikola Popovski

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ вели дека жалосно би било доколку ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работната група за уставните измени.

-Јас реков дека ја пропуштија шансата при нашиот влез во НАТО и не треба да ја пропуштат сега кога се работи за ЕУ. Вратата ќе остане отворена за нивно приклучување во која било фаза. Сметаме дека од дијалог и разговор не може да има штета. Ние не го отвораме овој процес затоа што е од интерес само на Владата или некои политичари, туку е од интерес на граѓаните и државата, рече Маричиќ.

Тој е убеден дека „во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои што го разбираат ова многу добро и кои што нема да дозволат да бидат заложници на некаква антиевропска политика“.

-Би било лошо за партијата. Како Влада сме должни да разговараме и да упатуваме повици. Не гледам причина да не учествуваат, дури и да имаат аргументи против, дајте да ги соочиме на маса, кажа Маричиќ како одговор на новинарско прашање после потпишувањето на Договор за грант од ЕУ со ЕИБ за пречистителна станица за отпадни води во Скопје.

Слични содржини