Меѓународниот кривичен суд изрази загриженост поради руските закани

од Stefanija Kuzmanovska

Меѓународниот кривичен суд (МКС) изрази загриженост поради руските „закани“ кои уследија по издавањето налог за апсење на претседателот Владимир Путин за воени злосторства.

Изјавата на Меѓународниот кривичен суд дојде откако поранешниот руски претседател Димитриј Медведев се закани дека ќе го погоди Трибуналот за воени злосторства во Хаг со хиперсонични ракети и откако највисокото истражно тело на Русија отвори кривичен предмет против обвинителот на МКС, Карим Кан, како и судиите кои издадоа налог за апсење на Путин.

Претседателството на Собранието на државите членки на Меѓународниот кривичен суд изрази „жалење за обидот да се попречат меѓународните напори за да се обезбеди одговорност за делата забранети според меѓународното право“.

Исто така, „ја потврди својата непоколеблива поддршка за Меѓународниот кривичен суд“.

„Меѓународниот кривичен суд ја отелотворува нашата заедничка заложба за борба против неказнивоста за најтешките меѓународни злосторства. Како последна инстанца, Судот е комплементарен на националните јурисдикции. Ги повикуваме сите земји да ја почитуваат неговата судска и обвинителска независност“, наведуваат оттаму.

Медведев во понеделникот рече: „Не е невозможно да се замисли хиперсонична ракета истрелана од руски брод од Северното Море кон зградата на судот во Хаг“.

„Сите ние одиме под Бога и ракетите… Внимателно гледајте во небото“, додаде тој.

Слични содржини