Меџити, Касами и Гаши на иста маса: „Окрупнувањето на албанската опозиција недоволно да се победи ДУИ, но доволно да се испрати во опозиција ако победи ВМРО-ДПМНЕ“

од Nikola Popovski

Вчера дојде до обид за окрупнување на албанскиот опозициски блок, откако поранешниот член на ДУИ, Изет Меџити, кој најави дека ќе формира ново политичко движење, седна на иста маса со лидерите на Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши. Токму Меџити објави дека разговарале за принципите на нивната идна соработка за обединување на албанската опозиција, чија цел е пресврт на силите, односно испраќање на ДУИ во опозиција на следните парламентарни избори. Лидерот на Движењето Беса, Касами, средбата ја оцени како многу конструктивна, а на која, како што вели, било разговарано за создавање на заеднички опозициски фронт како неопходност на албанската политичка сцена. За наредните денови тој најави дополнителни детали за оваа соработка. Во меѓувреме, се огласија од ДУИ, од каде што рекоа дека против партијата се создава хибриден-економски политички центар.

Енвер Салихи

Иако со здружени сили, се поставува прашањето дали трите политички субјекти можат да ја поразат владеачката ДУИ на следните парламентарни избори. Според политичкиот аналитичар и поранешен член на Државната изборна комисија, Енвер Салихи, соработката на Меџити со БЕСА и Алтернатива ќе доведе до одредено прегрупирање и значително окрупнување на опозицијата, но сепак недоволно да се победи ДУИ.

Можеби доволно да се препрати ДУИ во опозиција, но сметајќи на евентуална победа на македонската опозиција со која според мое мислење албанските опозиционери имаат добри релации. Интересно е дејствувањето на Алијанса за Албанците која цело време се судрува со ДУИ во Владата и ќе биде интересна ситуацијата да видиме на крај каква страна ќе заземат – дали ќе одат заедно со ДУИ на наредните избори или ќе се приклучат на опозицискиот фронт што ќе биде можеби единствена опција за победа на ДУИ (Огнените, Беса, Алтернатива и Алијанса), вели Салихи за „Локално“.

За новото политичко движење на Меџити, кое треба да биде официјално објавено на 13-ти август, Салихи вели дека е сосема очекувано движење на група незадоволни во ДУИ.

Оваа е еден логички заклучок за сите што имаат основни знаења во политиката, имајќи во предвид дека истите лица не беа третирани со посебна важност и беа игнорирани, додека оваа игнорираност секако доведува до отцепување и дејствување во нов политички субјект, посочува Салихи.

 

Објаснува дека според ситуацијата во албанскиот блок, секое ново движеење е веќе премногу знаејќи дека истиот е дивергентен и со многу актери кои се со помала сила , но сепак позитивно би било, како што вели, доколку ова движење се здружи со БЕСА и Алтернатива што би довело до една концентрација на „опозицискиот фронт“ што сепак би функционирал како еден блок за време на избори и би довело до хомогенизација на гласачкото тело.

Секако дека оваа е едно големо случување во ДУИ, иако истата со многу умешност ги вовлече со  месеци и им зеде многу приврзаници во периодот од излегување на јавност на групата до ден денреска со што битно им ја намали силата на огнените, но сепак оваа е еден храбар чекор на групата и единствен начин за нивно дејствување и без да ги осудиме од старт мислам дека ќе доведат до консолидација на опозицијата заедно со другите партии, смета Салихи.

Во однос на најавите за одредени условувања на поддршката за уставните измени од страна на пратениците од албанската опозиција, соговорникот е дециден дека и  не верувам дека ниту еден пратеник од албанскиот блок би гласал против уставните измени.

Ја исклучувам оваа можност, но сепак е многу веројатно дека измените нема да се случат судејќи по дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ и наскоро ќе имаме нови избори, предвидува аналитичарот.

Новата соработка меѓу вчерашните актери предизвика и мал раскол во редовите на БЕСА. Заменик претседателот на партијата Аријанит Хоџа јавно порача дека се оградува од опозицискиот блок.

-Од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“ со оглед на тоа што главните актери, носители на оваа иницијатива не имаат за цел политичка ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои не далеку од денес беа актери за одржување на актуелната власт во живот и ја спречија ротацијата во албанскиот политички табор. За детали за политичките убедувања и луѓето кои го делат истото политичко мислење со мене, ќе ве известиме преку прес конференција во текот на оваа недела, напиша Хоџа на Фејсбук.

Н.П.

Слични содржини