„Медуза“ организира протест пред МВР откако таксист нападна девојка и избега од државата

од Nikola Popovski

Македонската феминистичка платформа „Медуза“ за денеска организира протестен собир пред МВР откако таксист нападна млада девојка во неговиот автомобил, а потоа избега од државата, со што е недостапен за органите на прогон.

-Како загрижени граѓанки и граѓани, феминистки и феминисти, девојки и жени, ве повикуваме на протестен собир овој петок, 17 февруари, од 15:00 часот, пред Министерство за внатрешни работи. Бараме одговорност од надлежните институции, бидејќи не се чувствуваме безбедно во своите градови: ниту на улиците, ниту во училниците, ниту во болниците, ниту во домот. Ве повикуваме да го искажаме нашиот револт кон институциите кои треба да нè заштитат од насилство, но очигледно не го прават тоа.

Полициските службеници повторно се покажаа неспособни и недораснати кога станува збор за жртвите на родово базирано насилство. Последниот случај со пријава на сексуален напад, кој во медиумите стана познат како „дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата” по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово засновано насилство. Овој случај е еден од многуте во кои видовме како системски и општествено се потфрла кога станува збор за безбедноста и благосостојбата на девојките и жените во земјата, стои во објавата на „Медуза“.

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ даде безрезервна поддршка на протестот пред МВР од страна на женските организации.

-Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ изразува огромна загриженост за овој случај и за сите останати случаи кои се заглавени низ ходниците на институциите, а жртвите се оставени сами на себе, небезбедни и малтретирани, не само од насилниците, туку и од полицијата, рече претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.

На 28 јануари годинава, МВР информира дека во 04.33 часот во Полициска станица Аеродром, 19-годишна кичевчанка пријавила дека околу 04.20 часот додека со такси возило се враќала кон нејзиниот дом на подрачјето на скопски Аеродром, такси возачот започнал да се однесува недолично и да ја допира по телото.

ИРЛ неодамна објави дека таксистот избегал од Македонија и од полицијата.

Слични содржини