Министерство за правда: Кривичниот законик за „екоцид“ се уште не е донесен за да може да се имплементира

од Vladimir Zorba

„Кривичниот законик за „екоцид“ се уште не е донесен за да може да се имплементира“, велат од министерството за правда за „Локално“ во врска со објавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој денеска преку социјалните мрежи објави фотографии од оџаците на „РЕК Битола“, повикувајќи го министерот Никола Тупанчевски да постапи по кривичниот законик за „екоцид“.

Од Државен инспекторат за животна средина велат дека изминативе денови не е пристигната ниту една претставка до нив во врска со работењето на РЕК Битола.

-Во моментов надлежниот државен инспектор за животна средина од Битола кој врши инспекциски надзори кај овој правен субјект треба да утврди за што станува збор, односно да се утврди веродостојност на видео снимки, а честопати во минатото сме имале добивано видео материјали со постар датум и несоодветни за моментот на пријавата. Редовно се вршат континуирани мерења во овој правен субјект на емисиите во атмосферата, велат од ДИЖС за „Локално“.

ЕСМ врши краткотрајно тестирање на постројка

„РЕК Битола“ објави дека повремено врши краткотрајно тестирање на постројка која е поддршка за блоковите како „стартна котлара“. Од таму додаваат дека објектот ќе има важна улога за време на енергетската криза.

„Таква проверка на функционалноста е направена денеска помеѓу 6.30 и 7.00 часот, при што е утврдено дека истата е функционална и е на располагање да се вклучи во системот во секој момент, за краткотрајно зголемување на снагата на блоковите во одредени куси периоди во текот на производниот процес. Постројката работи на мазут, и во првите моменти од пуштачките операции има зголемено испуштање на чад и издувни гасови. По извршеното кусо тестирање, стартната котлара е повторно исклучена“, гласи реакцијата на АД ЕСМ.

Б.М.

Слични содржини