Со предлог законот за спречување на корупцијата и судир на интереси се прошируваат надлежностите на Комисијата со цел таа да стане тело кое суштински, а не само декларативно ќе застане на патот и ќе и се спротистави на корупцијата во државата, велат од власта, а аопозицијата обвинува дека СДСМ ниту сакаат држава без корупција, ниту имаат намера да донесат квалитетен закон кој е резултат на дебата.

„Македонија, има потреба од таква силна независна институција. Имајќи ја предвид важноста, но и итноста од нов состав на антикорупциската комисија, овој Закон пред пратенците ќе се најде по скратена постапка и со европско знаменце. Очекувам, апелирам, ги повикувам сите пратеници да покажат дека се навистина против корупција и да го поддржат предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, рече Јован Митревски, координатор на пратеничката група на Социјалдемократски сојуз на Македонија.

„Повторно сме сведоци како СДСМ и Владата насилнички и со ставање на европско знаме на предлог закон сакаат да го протуркаат Законот за спречување на корупцијата и судирот за интереси и со тоа да оневозможат дебата за истиот. По трет пат во собранието го доставуваат истиот предлог закон, најпрвин од страна на Владата, потоа по скратена постапка го предложија пратеници и сега повторно истиот текст го доставува Владата со европско знаменце и по скратена постапка, со што во Собранието имаме два исти закони во процедура“, вели Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата ова е  класичен пример дека власта не сака конструктивност и дебата по однос на законот за антикорупција, за кој толку долго ја замајува јавноста и меѓународната заедница.

„Не обвинуваа дека ние со предложените амандмани сме го кочеле процесот на носење на законот. Напротив амандманите поднесени од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се суштински и значително го подобруваат законот во насока на поголема професионалност на антикорупциската комисија, зголемување на транспарентноста во работењето и намалување на корупцијата кај носителите на јавни функции во државава – се она за што од петни жили критикуваше СДСМ додека беше во опозиција.
Ние и за овој закон повторно ќе ги поднесеме амандманите со кои се имплементираат забелешките на ГРЕКО, амандманите со кои ќе се овозможи поголема професионализација на Државната комисија и кои ќе ја намалат корупцијата во државава“, додава Лашкоска.

Слични содржини