Мицевски: Џафери не е способен да го менаџира Собранието

од Берта Китинска

Ароганцијата, суетата и инаетот на Талат Џафери повторно доведе до тензична атмосфера и непродуктивност на Собранието на Република Македонија, напиша на Фејсбук координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

-Собранието работеше до 3 часот по полноќ, но очигледно залудно. Се потроши драгоцено време кое наместо да се употреби за гласање и носење на законски решенија за излез од оваа беда и хаос во која што се наоѓа Република Македонија, Талат Џафери го потроши само за да ја задоволи сопствената суета. Од друга страна, македонската јавност можеше да забележи дека додека пратениците на ДУИ и СДСМ не беа на работа и не беа присутни во Собранието, Талат Џафери упорно се обидуваше да демонстира доминација и самоволие, кои за среќа завршија неуспешно бидејќи пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беа истрајни во својата намера и не му дозволија на Талат Џафери да успее во својата намера. Имено, до доцна во ноќта се дискутираше за точката од дневниот ред на 73-тата седница односно за испраќање на припадници на АРМ на мисија во Босна и Херцеговина, но сепак оваа точка не се изгласа, смета координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој вели дека Џафери ја отворил втората точка од дневниот ред и по само четири дискутанти,ја прекинал седницата во 3 часот по полноќ.

-Како што може да се заблежи од собранискиот сајт, ова е 10-та седница со отворена точка и прекината седница на средина на дискусијата. Тоа е недозволиво однесување на претседател на Собрание и приватизирање на законодавниот дом од страна на Талат Џафери. Очигледно, Џафери не е во состојба и не е способен да води седници и да ја менаџира работата на Собранието согласно Деловникот. Во услови кога граѓаните мака мачат со ценовните шокови и екстремното покачување на цените на речиси сите производи и услуги од секојдневниот живот, Талат Џафери води инает и воопшто нема слух за барањата на опозицијата и на граѓаните. Наместо Собранието да работи по законите предложени од ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата за намалување на ДДВ-то на основните производи на 0% до крајот на годинава, наместо да работи по законите за намалување на акцизите на горивата, Талат Џафери и мнозинството се занимаваат со точки кои не се приоритет и кои воопшто не се гласаа, истакна Мицевски.

Слични содржини