Мицкоски обвини дека полицијата убаднала во домови на активисти на партијата, МВР демантира

од desk2

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека полицијата упаднала во домот на петнаесетина активисти на партијата минатата недела, при што некои од нив биле приведени во полициска станица. Според Мицкоски власта континуирано врши прогон врз неистомисленици и го споредува владеењето на СДСМ со поранешниот комунистички режим.

„Министерот за прогон и тортура Спасовски со политички контролираниот дел од полицијата (значи не оние чесни полицајци кои работат за плата,туку оние на кои им се делат политички задачи) минатата недела упаднаа во домовите на петнаесетина активисти и отворени поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, значи не поранешни или актуелни функционери, туку обични, лојални членови на партијата, кои отворено застанаа против црното владеење на Заев и СДСМ незадоволни од она што се случува во нашата држава. Со специјалци, огнено оружје во домовите на честити луѓе, домаќини, но однеднаш за соседите, и согласно употребената полициска сила стануваат сомнителни поединци за кои има “сомнеж за антидржавно делување”. Еден од нив има три деца, а можете да замислите каков надреален трилер е само за неговите малолетни деца кога специјалци вооружани прават претрес во детската соба затоа што единствен грев на неговиот татко е што мисли поразлично од власта, другиот го задржале во полициска станица зошто имал чаура зачувана од неговата свадба пред повеќе од десетина години, другиот сомнително им изгледал, а тоа според полицијата на Спасовски е тешко кривично дело во обид“, напиша Мицкоски на фејсбук.

По обвинувањата напишани на профилот на Христијан Мицкоски на „Фејсбук“ за упад на полициски специјалци во домовите на петнаесетина приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, со демант се јавија од МВР, велејќи дека тие акции не се политички мотивирани, туку исклучиво за санкционирање на евентуално криминално делување.

„Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите изнесени од страна на г-динот Христијан Мицковски преку социјалната мрежа Фејсбук за наводни упади во домови на активисти на ВМРО-ДПМНЕ поради, како што вели, нивното незадоволство од она што се случува во државата. Полицијата, по смената на раководството во 2017 година, работи професионално и само и исклучиво врз основа на законите. Согласно законските надлежности се преземаат различни акции, но ниту една не е мотивирана од политички мотиви туку исклучиво за санкционирање на одредено криминално делување, со цел подобрување на безбедноста на граѓаните. На тој начин полицијата ќе продолжи да работи и во наредниот период, се со цел граѓаните да се чувствуваат безбедно“, се вели во соопштението на МВР.

Слични содржини