Мнозинството и опозициските пратеници си подадоа рака: Пронајден компромис за деблокирање на Собранието

од Nikola Popovski

Во Собрание успеа да се дојде до решение и компромис за деблокада на законите од петтиот пакет антикризни мерки. Власта и опозицијата заедно ги изгласаа трите предлог закони за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза, за финансиска поддршка на работодавачите и за изменување на Законот за данокот на личен доход, по скратена постапка. Законите беа усвоени со 85, и со 86 гласови „за“ и без „против“ и „воздржан“.

Од 29 точки на дневниот ред на 36.седница останаа само четири – една за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница, а другите три за имплементација на финансиската помош за фирми и физички лица – мерки што произлегуваат од петтиот антикризен пакет.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицевски оцени дека дијалогот очигледно дал резултат.

„Во духот на разбирањето, барам од мнозинството да дадат поддршка на нашите предлог мерки за компаниите и граѓаните во месеците февруари и март. Нашите точки сме подготвени да ги одложиме за расправа, односно да останат на седницата точките само за продолжување на кризната состојба и сега изгласаните предлози за закони кои треба да одат по итна постапка“, кажа Мицевски.

Координаторот на СДСМ Јован Митревски, пак, ѝ се заблагодари на опозицијата што победил разумот и што нејзините пратеници се вратија во салата.

Дневниот ред ќе биде потврден денеска, а потоа веднаш ќе работи комисијата за финансирање и буџет. Пратениците денеска ќе продолжат со пратенички прашања, а од кои се откажаа избраниците од власта. Со ова практично постојната седница се претвора во ковид седница

Слични содржини