МНР за наводниот атентат на Османи: Не постоеја индикации за закани или напад

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи (МНР) попладнево излезе со подетални информации после вчерашните наводи за можниот атентат врз делегацијата на ОБСЕ при посетата на Молдавија, во регионот Транснистрија која ја предводеше токму претседавачот и министер Бујар Османи.

-Претседавачот имаше целосна доверба во безбедносните служби на Молдавија и во тамошните власти, кои ја гарантираа неговата безбедност и безбедноста на делегацијата. Ние не бевме информирани, ниту постоеја индикации за какви било закани или можен напад врз делегацијата на ОБСЕ, ниту кон претседавачот Османи за време на неговата посета, велат од МНР за „Локално“.

Од таму додаваат дека во рамките на ОБСЕ, посетите на делегациите на Организацијата и посетите од страна на претседавачот предвидуваат посебни безбедносни протоколи кои се во надлежност на земјата домаќин.

-Реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите таканаречени „загрозени подрачја“ се реализираат со јасна назнака дека се тоа посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност, порачуваат од ресорот.

Додаваат и дека безбедноста на претставниците на ОБСЕ е од висок приоритет и Организацијата ќе ја продолжи блиската соработка со локаните власти за време на која било посета и на која било локација.

Молдавскиот медиум „Реалитатеа“ вчера излезе со наводи дека Османи бил цел на напад за време на посетата на Молдавија.

Во нивниот текст пишува дека официјален Тираспол, кој е главен град на Транснистрија – регион отцепен од Молдавија, ја обвинил Службата за безбедност на Украина дека го испланирала нападот. Како што пишува овој информативен портал, било предвидено нападот да се изврши со автомобил, во кој бил поставен експлозив. Според тврдењето на надлежните, автомобилот требало да биде паркиран во близина на замокот Бендер.

Како што се додава во текстот на „Реалитатеа“, по спречувањето на оваа намера кај Бендер, делегацијата на Османи, која броела околу 20 луѓе, требало да биде нападната на патот за градот Кишинев, но тогаш сторителот се откажал од идејата да нападне за да не го изложи во опасност сопствениот живот.

Н.П.

Слични содржини