Муслиу: Во Македонија нема закон кој вели ако си на црна листа, не можеш да вршиш државна функција

од Nikola Popovski

САД најавија и објавија нови имиња опфатени со извршната наредба на претседателот Џо Бајден, за замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан. Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е ставен на црната листа, а во соопштението од Стејт Департментот е наведено дека причината за тоа е неговата вмешаност во голема корупција, како и нанесувајќи штета на вербата на јавноста во демократските институции. Со ова Мерко им се придружи на Никола Груевски и Сашо Мијалков кои веќе се под санкции на американското Министерство за финансии, но тука не запира списокот. На листата на санкции на Одделот за финансии на САД, од поодамна се наоѓаат и лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер Љубе Бошковски, лидерот на ДПА и пратеник Мендух Тачи, како и Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и Џорџ Буш помладиот.

Иако дел од нив ги нема во јавноста и не е познато дали извршуваат јавни функции, после обвинувањата од САД на сметка на Мерко, се поставува дилемата дали ако си на црната американска листа можеш да вршиш јавна функција и да бидеш дел од некоја државна институција. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, кај нас законот е различен.

-Во Албанија постои закон ако си на црна листа или си персона нон грата, не можеш да вршиш државна функција. Ако нашите законодавци одлучат дека и кај нас треба така, треба да го изгласаат како закон. Не знам дали се исти статусите на Мендух Тачи, Љубе Бошковски и Рамиз Мерко. Едно е да си на црна листа, а друго е да си непожелна личност, има различни категории и треба да се види во која е, вели Муслиу за „Локално“.

Потенцира дека стратешкото партнерство со САД ни е една од најбитните работи, покрај членството во ЕУ.

Рамиз Мерко

-Тие која ја прават политиката во Македонија треба да одредат дали тоа партнерство со САД е на ниво како во Албанија. Таму има закон и ако кривично те гонат во САД, не можеш да вршиш функција, нагласува соговорникот.

Тој смета дека одлуките на Стејт департментот не треба да се коментираат.

-Тие се секогаш издржани и не се носат паушално или дневно-политички. Се носат со причини. Сигурно има своја причина, а одлуката е на претседателот Бајден за сите тие кои го попречуваат процесот на Балканот, се склони на нелегални активности. Градоначалниците кај нас се заштитени како бели мечки. Дали тој сам ќе се повлече е друго прашање. Правдна и политичка процедура се различни работи. Моралната обврска е дека и тие што го поддржале Мерко знаат дека Стејт департментот не носи политички одлуки, туку се секогаш издржани, ни рече Муслиу.

Сепак Муслиу не знае дали ДУИ ќе го исклучи Мерко од партијата.

-Тој е стар член и е битен дел од структурата на партијата, ама сега одговорност да има ДУИ за индивидуални членови…Ние имаме од една партија која е во подем, претседател кој владеел со државата и сега е во бегство, па партијата не се затвори. Така да, кај Мерко ситуацијата е таа. Дали ќе се соочи со правдата и Стејт департментот ќе оди во тој правец на нашата држава да ѝ ги поднесе сите тие инкримирачки документи, тоа дополнително ќе го видиме. ДУИ секако нема да ја нападне одлуката, но ќе видиме дали ќе го исклучи Мерко, порачува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини