МВР го демантира Стоилковски: Против Мисини има две кривични и бил приведуван во станица

од Nikola Popovski

Министерството за внатрешни работи (МВР) најостро ги демантира лагите изнесени денеска од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од полицијата велат дека вистината, која се докажува низ бројки, е дека во поглед на вкупниот криминалитетот имаме намалување за 31.55 % во првите два месеца од 2023 година, споредбено со првите два месеца од 2022 година, што секако, како што тврдат, е резултат на доброто и ефикасно работење на полицијата.

-Класична лага е и обвинувањето за наводна блискост на раководни лица во полицијата со лице кое извршило кривично дело. Токму против лицето С.М. се поднесени две кривични пријави, приведуван е во полициска станица, а вршени се и претреси на дом, што директно покажува дека и во овој случај ВМРО-ДПМНЕ пласира невистини и ја лаже јавноста, порачаа од МВР.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска сподели видео од извесен Самед Мисини од Ласкарци, кој како што тврди Стоилковски, во јули 2022 година испукува најмалку една цела рамка од огнено оружје.

-Пукањето е кривично дело член 396 став 2. Покрај пукањето, Мисини се поврзува и со насилство против изборите за бркање на гласачи и набљудувачи во Ласкарци, како и со напад и тепање на бизнисмен во кабинетот на Шилегов веднаш по локалните избори, кога при полициска интервенција пронајдено е и оружје, истакна тој и додаде:

-Причина за неказнувањето е што главен гостин и сведок на пукањето, во случајот свадба кај Мисини, е директорот на БЈБ Сашо Тасевски со семејството. Колку пати Мисини бил гостин во полицијата во кабинетот на Тасевски?
Но, и кога Тасевски ќе го пријави до ДКСК станот во којшто живее од пред нова година, стан во една од зградите изградени од Мисини?, праша меѓу другото Стоилковски.

Слични содржини