МВР со апел до младите: Не прифаќајте секој што ќе ви пристапи на социјалните мрежи

од Nikola Popovski

Апел до родителите и самите тинејџери да внимаваат што прават на социјалните мрежи, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски за новата кампања на полицијата „Кажи не!“- кампања за зголемување на свеста за опасностите од споделување фото и видео материјали на Интернет.

Според Ангеловски, контактите кои што доаѓаат од надвор, односно непознатите лица, може да доведат до несакани последици по младите.

-Апелираме до родителите да внимаваат како нивните деца ги користат социјалните мрежи, а до младите, да не прифаќаат секој што ќе им пристапи на социјалните мрежи, додава Ангеловски во емисијата „Утрински брифинг“.

Според Европол, за  време на епидемијата, побарувачката за снимки од сексуална злоупотреба на деца се зголемила за 25 проценти во некои земји- членки на ЕУ.  За време на епидемијата, повеќето луѓе ја зголемиле комуникацијата преку интернет, и како резултат на тоа, и криминалците се прилагодиле на новиот начин на живот.

– Сексуалната злоупотреба на деца е сериозно кривично дело што има далекусежни последици за жртвата, така што борбата против сексуалната злоупотреба на деца е приоритет и за нашата држава и за Европската унија .Затоа, во соработка со Европол и полициите на повеќе балкански земји сакаме да ја подигнеме свеста и да спречиме вакви криминални дела, порачуваат од МВР.

Слични содржини