МЗШВ: Целокупното договорено количество на тутун од реколтата 2019 ќе биде откупенo

од Stefanija Kuzmanovska

Целокупното договорено количество на тутун ќе биде откупено, најавија откупните претпријатија на денешниот работен состанок на кој присуствуваа министерот за земјоделство и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претставници од Стопанската комора на Македонија и Сојузот на здруженија на тутунари.

Претставниците на откупните претпријатија порачаа да не се создава непотребна паника кај тутунопроизводителите и дека проценката на класите ќе се врши реално.

Со цел стимулирање на квалитетот, со новиот модел за зголемени субвенции што го воведе Владата, субвенциите за прва класа тутун се 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

Од Министерството за земјоделство информираа дека досега се откупени над 22,4 милиони килограми тутун во вредност од близу пет милијарди денари или повеќе од 85 отсто од договореното количество е веќе откупено. Од страна на откупните претпријатија исплатени се близу 4,7 милијарди денари, а просечната откупна цена е 221,9 денари за килограм, што, како што велат од Министерството, е највисока откупна цена во последните шест години.

Откупот се очекува да заврши до крајот на следниот месец, а како што се наведува во соопштението, на состанокот било истакнато дека не се очекува да има вишок на тутун. Засилени контроли на терен најавува и Државниот инспекторат за земјоделство.

Од реколтата 2019-та вкупно се засадени 13.342 хектари тутун и склучени се 32.798 договори со девет компании. Вкупното производство на тутун од реколтата 2019-та изнесува над 26.700 тони тутун, што е за шест отсто повеќе од реколтата 2018-та. Планираната количина за откуп е 26.729 тони, а издадени се 20.933 евидентни листови.

Слични содржини