Најголемата хала на Белградскиот саем претворена во болница со 3000 легла

од Aleksandar Petrovski

Согласно вчерашната најава на српскиот претедател Александар Вучиќ за агресивен пристап во борбата со коронавирусот, најголемата хала на Белградскиот саем денес е претворена во болница со 3000 легла.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, на Белградскиот саем се наоѓаат над 10 воени камиони од кои се истоваруваат кревети. Вучиќ најави масовно тестирање на населението на епидемијата на коронавирусот, кое ќе започне најдоцна до четврток.

Сите полесни случаи на заразени пациенти, ќе бидат сместени во карантин, за што се подготвуваат околу 3000 кревети на Белградскиот саем и повеќе илјади кревети во други места во Србија. Целта е, како што кажа Вучиќ, сите полесни пациенти да се изолираат и да имаат брзо лечење.

Епидемиологот Предраг Кон за РТС денес изјави дека сите што биле во контакт треба да ги поминат тестовите, како и оние кои биле во самоизолација. Ова ќе овозможи забрзано сузбивање на епидемијата во споредба со претходната варијанта каде биле тестирани тешки респираторни пациенти, кажа Кон.

Тој оцени дека масовното тестирање во наредните денови не е најважно, но ориентацијата е кога имаме вонредни мерки и намалени контакти, да преминеме од опцијата на израмнување на кривата и проширување на епидемијата до опцијата за агресивно борење со епидемијата.

-Тоа е суштината на сè, изјави Кон додавајќи дека еден дел од ова е да се детектираат сите носители на вирусот и да се стават во посебни специјални болници за пациенти.

Слични содржини