Нападнато возилото на албанскиот премиер Еди Рама

од Vladimir Zorba

Автомобилот на албанскиот премиер Еди Рама, како и останатите возила од придружбата, биле нападанати со јајца, тврди предмети и пиротехнички средства во градот Либражд, кој е на околу 60 километри од граничниот премин Ќафасан на албанско-македонската граница.

Според полициското соопштение, инцидентот се случил при влегувањето во градот каде Рама требало да одржи изборен митинг, а приврзаници на опозицијата се обиделе да го спречат тоа.

Во врска со овој случај притворени се поранешниот пратеник од Демократската партија, Аурел Булугбаши, претседателите на ограноците на оваа партија во Либражд и соседниот град Прењас, Арјан Кариќи и Бујар Врето. Уапсени се уште пет лица, 23 други се приведени при што 16 од нив ќе се бранат од слобода.

Од полицијата додаваат дека апсењето следувало врз основа на снимки од безбедносни камери, а ќе одговараат за „организирање нелегален протест, попречување на движењето на возила и попречување на изборни субјекти“.

Лидерот на опозицијата Љуљзим Баша го нарече апсењето „ѓаволски план на човекот кој е во целосна паника поради губење на власта“, мислејќи на премиерот Еди Рама.

Тој обвини во оваа неконтролирана авантура, дека Рама е потпомогнат од министерот за внатрешни работи Сандер Леши и државната обвинителка Арта Марку.

Слични содржини