Насилни демонстрации во Белград: Кој ги насочува и кој стои зад нив?

од Nikola Popovski

Доколку ова е протест што избувна и исчезнува за неколку дена, може да се каже дека станува збор за спонтана експлозија, која разни групи се обидоа да ја присвојат или насочат. Меѓутоа, ако траат протестите, порано или подоцна ќе се види кој се обидува да ги насочи и кој застанува зад нив, вели социологот Владимир Вулетиќ, коментирајќи ги протестите кои ја потресоа Србија.

Психологот Жарко Требјешанин е на мислење дека на луѓето им било доста од забраната за движење и контрадикторните изјави на лекарите, така што најавата за нов полициски час, по фудбалското дерби и изборите, претставувало преминување на сите можни граници и затоа тие го изнеле својот гнев на улиците.

Почеток на демонстрациите

Социологот Владимир Вулетиќ се согласува дека незадоволството се насобрало меѓу народот, но тој смета дека причините за предизвикување немири, дури и да биле мерки против коронавирусот и ненадејното зголемување на бројот на заразени, се во суштина небитни.

„Секогаш ќе има причина за незадоволство, бидејќи што и да правеше оваа влада, секогаш беше таква. Опозицијата секогаш дејствуваше на тој начин во Србија. Поголем проблем сега е што немаме парламентарна опозиција, што значи дека протестите ќе бидат изразени на овој начин во иднина“, смета Вулетиќ.

Тој додал дека е тешко да се најде значењето на протестот, затоа што, од една страна, се зборувало дека станува збор за одговор на мерките и небрежност на надлежните, а од друга страна, имало барања, како што е промената на кризниот штаб, што укажува на фактот дека политиката вмешала прсти.

Кон што води протестот?

Според Требјешанин, демонстрациите започнале спонтано, а потоа прераснале во нешто друго:

„Првите вечери кога излегоа, мислам дека голем број граѓани излегоа на улиците спонтано. Сепак, очигледно е дека имало и мала милитантна група навивачи, кои биле во фокусот заради агресијата и нападите врз полицијата. Во другите вечери, ми се чини дека тие веќе целосно го презедоа протестот и мислам дека подоцна добар дел од граѓаните се повлекоа, а оние што сакаа судири со полицијата и ги провоцираа останаа на улица, што не ја оправдува прекумерната употреба на сила“, изјавил тој. Требјешанин додал дека сè уште не е јасно кои се целите на таа група.

Вулетиќ посочува дека нема протест со кој не се поврзани разни актери, групи кои го насочуваат во нивна корист, така што тоа нема да биде очигледно за демонстрантите. Сепак, тој вели дека протестите понекогаш можат да бидат цел сами по себе, еден вид предупредување до надлежните органи дека можат да ја загрозат стабилноста на редот.

Тој оценува дека за тоа нема критична маса, и дека протестите станале насилни со цел да се создаде впечаток дека станува збор за голем настан, со цел да привлечат поголемо внимание од странските и домашните медиуми, но дека тие немаат потенцијал да останат такви и понатаму.

Споредби со 5 октомври

На прашањето за споредување на овие протести со оние што се случиле на 5 октомври 2000 година, соговорниците се согласиле дека не се споредуваат.

„Постојат некои сличности, но мислам дека повеќето од нив се површни. Тоа е на прв поглед. Имате митинг пред собранието, толпа што се обидува да влезе, големо незадоволство, но ситуацијата не е ни приближна кога ќе се земе како целина “, смета Требјешанин.

Вулетиќ посочува дека во тоа време имало стотици илјади луѓе на улиците, додека се проценува дека на сегашните протести се собираат околу 5.000 луѓе. Сепак, тој забележува дека постојат амбиции за такво сценарио.

Илјадници луѓе протестираат пред српскиот Парламент веќе два дена, а немирите се раширија од Белград до Нови Сад, Ниш и Крагујевац. Камења, факели, штитови и солзавец ги наполниле улиците, создавајќи апокалиптична слика што не била видена во Србија најмалку 20 години.

Слични содржини