Наскоро се укинува роамингот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан

од Nikola Popovski

Роамингот за Западен Балкан (Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија…) наскоро ќе биде укинат.

Имено, договорот за роаминг, според кој граѓаните на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, ќе ги плаќаат цените на разговорите и користењето на мобилниот интернет во ЕУ како во нивните земји, ќе стапи на сила оваа година, тврди хрватскиот парламентарец Бојан Главашевиќ.

Главашевиќ, кој оваа информација ја објави на Твитер, тврди дека договорот е блиску до реализација.

– Денеска во Собранието се одржа Комисијата за европски прашања на која државниот секретар Андреја Метелко Згомбиќ рече дека главниот договор е веќе потпишан, но треба да се потпишат уште неколку помали договори. На прашањето кога треба да се спроведе, односно да стапи на сила, таа рече – годинава – изјави Главашевиќ за хрватските медиуми, додавајќи дека политичката волја за таков договор постои веќе подолго време.

Според Главашевиќ, договорот треба да ги опфати сите земји од Западен Балкан кои на каков било начин се вклучени во процесот на пристапување во Европската унија.

Тоа е дел од пошироката идеја за процесот на пристап. На ова се работеше додека Хрватска претседаваше со Европската Унија.

– Идејата беше да се создаде модифициран пристапен процес, односно кога земјите ќе исполнат одредени критериуми, нивните граѓани веќе можат да уживаат некои бенефиции уште пред да влезат во Унијата – рече Главашевиќ.

На прашањето кои цени ќе ги опфати договорот, односно дали ги опфаќа и телефонските разговори и интернетот, Главашевиќ одговори потврдно.

– Но, ќе има и заштитна клаузула, која ќе спречи, на пример, некој од Хрватска зема претплата во Србија и плаќа по пониски, дампинг цени – изјави Главашевиќ за хрватскиот портал Индекс.

Слични содржини