Нè чекаат ли нови предвремени парламентарни избори?

од desk2

Ниту три дена дебата во Собранието не беа доволни за власта и опозицијата да ги приближат своите ставови околу Договорот од Преспа и уставните измени. Потребното двотретинско мнозинство од вкупно 120 пратеници е се понеизвесно, а ВМРО-ДПМНЕ веќе ја напушти собраниската дебата.

По вчерашниот одговор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до американскиот преставник Вес Мичел во кој Мицкоски порача дека за партијата е неприфатливо барањето да се поддржи Договорот, се поизвесно е дека опозицијата нема да гласа за уставните измени.

Владејачката СДСМ пак остро реагираше на одговорт на Мицкоски, велејќи дека истиот е „срам за Македонија“, и дека тој воопшто не се разликува од својот претходник, Никола Груевски.

„Ако продолжат да ја блокираат иднината на Македонија, во наредните денови, парламентарното мнозинство ќе распише вонредни парламентарни избори“, порачаа од СДСМ..

Во меѓувреме падна и првата жртва на Преспанскиот договор. Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, вчера си поднесе оставка откако претходниот ден жестоко се судри со министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, објасни дека со болка во срцето ја прифатил оставката на Коѕијас, и истакна дека оваа одлука, како и одлуката за тоа тој самиот да го преземе Министерството за надворешни работи во следниот период е всушност порака кон надворешноста, но и кон државата и неговата влада, дека нема да толерира „никаква лична стратегија во националната линија на земјата“. Тој исто така нагласи дека нема да толерира од никого, свесно или несвесно, загрозување на текот на земјата за излез од кризата.

Која ќе биде судбината на Преспанскиот договор и дали не чекаат нови предвремени парламентарни избори, најверојатно ќе дознаеме во петок, за кога е и закажано продолжување на расправата за уставните измени./Civil media

Слични содржини