НЕМА ДВИЖЕЊА НАВЕЧЕР: Од утре целосно затворање на сите угостителски објекти

од Берта Китинска

Денеска започнува скратениот полициски час од 20 – 05 часот, а од среда нема пиење кафе и јадење во ресторани и кафеани.

Новите рестрикции во однос на угостителските објекти го предвидуваат следново:

-Целосна забрана за посетители, гости, во сите  угостителски објекти, кафетерии,  ресторани, барови, клубови и други објекти, кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, како и во угостителските објекти, дел за исхрана во угостителските објекти за сместување, хотели, мотели, хостел, пансион и други објекти за сместување или на бензиски станици. А, оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна. Можат да остваруваат продажба на алтернативни начини: онлајн или телефонски нарачки и слично. И, сите заедно, да вршат достава или да овозможуваат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд/пулт, почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).

Угостителите бараат итна финансиска помош

Околу 30.000 работници ќе останат без приходи поради затворањето на угостителските објекти, предупредува Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Комората бара итна финансиска помош за овој сектор, откако претходно Владата донесе одлука за затворање на угостителските објекти како дел од рестриктивните мерки во борбата против вирусот Ковид-19.

– Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места, велат од Комора.

Министерот за економија, Крешник Бектеши преку Фејсбук порача дека мерките за угостителите ќе продолжат и во наредниот период, но без да прецизира како нови мерки за помош и во колкава вредност ќе добијат угостителски објекти.

-Министерството за економија во континуитет работи за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор со цел за полесно справување со негативните ефекти од пандемијата. Поддршката ќе продолжи и во наредниот период. Министерството за економија ќе продолжи да креира мерки за поддршка на секторот. Најважно од сѐ во овој момент е здравјето на граѓаните, вели Бектеши.

Слични содржини