Нов состанок на Комисијата за заразни болести, ќе се одлучува дали ќе има нови рестриктивни мерки

од Берта Китинска

Актуелната состојба со корнавирусот денеска ќе биде главна тема на состанокот на Комисијата за заразни болести на кој ќе се одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки.

Состанокот на Комисијата за заразни болести е закажан заради тоа што обично бројот на случаи од резултатите од изминатиот викенд не е реален, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче, но сепак тој не откри дали ќе се разговара за евентуална потреба за нови рестрикции. Воедно пандемијата ќе биде тема и на денешната седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.

Според најавите, имунизацијата со 24.000 дози од вакцината „АстраЗенека” што преку Ковакс механизмот стасаа викендот, треба да стартува утре со пријавените граѓани над 75 години. Здравствените власти тврдат дека апсолутно нема контраиндикација за граѓани од која било возраст да се вакцинираат со оваа вакцина и порачуваат граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи, како што велат, ова е специфичен период.

Засега на сила во земјава останува полицискиот час кој започнува во 22 часот навечер и трае до 05 часот наутро.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 127.240, бројката на оздравени пациенти е 105.524, на починати е 3.716, а бројот на активни случаи изнесува 18.000.

Слични содржини