Нова средба меѓу Тренчевска и Неделков, ќе се разговара за платите на вработените во градинките

од Nikola Popovski

Денес ќе се одржи нова средба меѓу претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Синдикатот за образование наука и култура. Разговорите се водат за исплатата на плати за вработените во предучилишните установи кои учествуваа во штрајкот.

Ставовите и на двете страни се приближени. До крајот на неделава се најавува заедничко прифатливо решение во рамките на законите.

Потребно е време за да можеме предлозите од СОНК и Министерството за труд и социјална политика да ги усогласиме во нашите институции и да изнајдеме конечно решение, се согласија на последната средба, Тренчевска и Неделков.

На последната средба меѓу МОН и СОНК, министерот Јетон Шаќири информира дека е постигнато начелно решение за 15% повисоки плати на просветните работници.

-Повисоки плати во образование ќе има, се договоривме за покачување на платите на сите вработени во образование од 15%, почнувајќи од септемвриската плата. Тоа е во согласно со буџетските можности. Нема да има кратење за времето кога се штрајкуваше. Најдовме целосно разбирање и ќе се исплатат целосни плати за април. Ги допрецизиравме работите и околу колективните договори, кажа Шаќири пред два дена.

Неделков очекува членството на СОНК да прифати покачување на платите за 15%.

-Овој процент на покачување на платите ќе важи и за вработените во градинките. Се на сѐ, сметам дека нашето членство ќе ги прифати овие пораки од помирувачот и ова ќе се преточи во спогодба. Претходно ова треба да помине на одлучување меѓу членството и во Советот на СОНК. Во рок најдоцна од десет дена треба да се потпише спогодбата, кажа Недеков пред новинарите.

Слични содржини