Објавени детали за случајот на Р. Кели: „Не би можел да биде пуштен на слобода додека не наполни 100 години“

од Stefanija Kuzmanovska

Федералните обвинители побараа од судијата во Илиноис да го осуди пејачот Р. Кели на 25 години затвор врз основа на пресудата за детска порнографија и намамување, која беше донесена во Чикаго, пишува New York Post.

Во овој случај, пејачот не би можел да биде пуштен на слобода додека не наполни 100 години, доколку судијата се согласи и со барањето на обвинителството Кели да ја отслужи 25-годишната казна во затвор во Чикаго дури откако ќе ја отслужи 30-годишната казна на која беше осуден во Њујорк.

„Единствен начин да се осигураме дека Кели нема да го повтори делото е да му се изрече казна која ќе го држи во затвор до крајот на животот“, стои во барањето на владата, кое е сумирано на 37 страници, пренесува споменатиот медиум.

Судењето на Кели во Чикаго е закажано за четврток следната недела.

Адвокатката на Кели, Џенифер Бонгин, побара казна од околу 10 години, што е минимална казна за овој вид криминал. Таа во оваа прилика се осврна на фактот дека „белите рок ѕвезди“ кои направиле слични прекршоци не биле казнети.

Потсетуваме, на минатогодишното судење во Чикаго, Р.Кели беше прогласен за виновен по шест од 13 точки од обвинението.

Слични содржини